Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Русија да се согласи на договор со Украина, истакнувајќи дека војната продолжува да носи огромни човечки загуби на двете страни.
Говорејќи на вториот ден од тридневниот самит на Г7 во Франција, Трамп изјави дека Русија и Украина плаќаат висока цена поради конфликтот.
„Русија треба да се согласи на договор. Русија изгуби огромен број луѓе, а исто така и Украина. Минатиот месец тие заедно изгубија 35.000 војници. Во просек, загубите изнесуваат околу 25.000 луѓе месечно, претежно млади војници. Лудо е тоа што се случува таму“, рече Трамп, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Тој додаде дека имал „многу добар состанок“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски и најави дека ќе имаат уште една средба во текот на денот.
Зеленски присуствува на самитот на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, кој настојува да ја зацврсти поддршката на земјите од Г7 за Украина и да обезбеди поголема вклученост на САД во тие напори.
На самитот, лидерите на Г7 – Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство, САД и Европската Унија – разговараат за глобалната економска стабилност, климатските промени и актуелните безбедносни предизвици.












