Исклучително значаен пример на византиската мозаична уметност, иконата „Исус Христос на престол“ од 14 век, која е дел од богатата збирка на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, денеска за првпат беше претставена пред македонската јавност, во рамките на одбележувањето на 75 години од организираната музејска дејност во градот. Според кустосот Катерина Велкоска, се работи за единствената зачувана мозаична икона од ваков вид во Македонија, која ѝ припаѓа на ретката категорија на преносни византиски мозаични икони.

– Мозаичната техника во византиската уметност најчесто се поврзува со монументалните декорации на црквите, меѓутоа паралелно се развила и многу посложена и поретка форма: изработката на мали, преносни мозаични икони. Нивната изработка барала исклучителна прецизност, големо техничко знаење и употреба на скапи материјали, поради што тие биле достапни во ограничен број и најчесто биле поврзувани со највисоките слоеви на византиското општество и со престижните црковни центри – посочи Велкоска при презентацијата во Галеријата на икони.

Таа додаде дека за разлика од живописаната икона, каде што светлината се создава преку бојата, кај мозаичната светлината е составен дел од материјалот.

– Малите мозаични коцки – tesserae се поставуваат под различни агли, така што површината ја прекршува и рефлектира светлината. Особено значајна е употребата на златни tesserae. Златниот фон во византиската уметност не претставува обична декоративна заднина. Тој создава симболичен простор надвор од земното и материјалното – простор на божественото и вечноста. Со промената на аголот на гледање, површината на мозаикот се менува, создавајќи впечаток дека светлината доаѓа од самата претстава. Христос е претставен како небесен владетел, носител на божествената власт и вечниот Цар. Престолот ги нагласува Неговата трансцендентна природа и Неговата улога како судија и господар на вселената – објаснува Велкоска.

Како што истакна, иконата припаѓа на период што се поврзува во историјата со таканаречената палеологовска ренесанса.

– Охрид во тој период претставувал еден од значајните духовни и културни центри на православниот свет. Неговата географска положба и историската поврзаност со Византија овозможиле развој на високо уметничко творештво и присуство на врвни уметнички традиции. Охридските цркви и манастири сведочат за интензивната размена на уметнички идеи меѓу Константинопол, Солун и другите центри на византискиот свет – кажа Велкоска.

Инаку, мозаичните икони, како што посочува, се меѓу најретките форми на византиската иконографија, а значајни примери се зачувани во неколку од најголемите светски музејски колекции, како „Лувр“ во Париз (Преображение), музејот „Метрополитен“ во Њујорк (Богородица со Исус Христос), музејот „Боде“ во Берлин (Христос Милостлив) и во Византискиот и христијански музеј во Атина, (Богородица Гликофилуса).

– Мозаичната икона „Исус Христос на престол“ има особена национална и културно-историска вредност. Таа е сведоштво за времето кога верата, уметноста, материјалот и светлината биле обединети во една целина. Секое мало мозаично камче или стаклена коцка е дел од сложената композиција, но и дел од една поголема византиска идеја, дека светлината не е само визуелен феномен туку и симбол на божественото присуство. Во Охрид, градот што со векови претставувал еден од најзначајните центри на православната духовност и византиската култура на Балканот, оваа ретка мозаична икона претставува уште еден драгоцен доказ за неговото место во историјата на европското и византиското културно наследство – додава Велкоска.

Инаку, иконата е пронајдена во 1960 година, во црквата „Света Богородица Перивлептос“ во Охрид. (Д. Т.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ