Едно од најпрепознатливите места во срцето на градот, podnata фонтана која со години ги привлекуваше погледите на скопјани, гостите и туристите, а која поради долгогодишна негрижа беше оставена да пропаѓа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски објави на Фејсбук дека се прави темелно и трајно решение.
Појасни дека станува збор за комплексен систем со специјализирана опрема произведена во Германија и со автоматизација која бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста.
-Паралелно со сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната. Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, ја заменуваме со нова, цврста конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања – наведе Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека со ова, трајно ја зголемуваме стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем.
-Фонтаната повторно ќе биде место за средби, детска радост, фотографии, прошетки и убави спомени. Место кое ќе му ја врати живоста на плоштадот и повторно ќе стане една од најубавите слики од центарот на Скопје – потенцираше скопскиот градоначалник.
Тој истака дека паралелно, се заменуваат и оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, за како што кажа, централното градско подрачје конечно да добие уреден, чист и достоинствен лик каков што заслужува.












