Уникатен археолошки наод со претстава на божицата Деметра е откриен на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане. Од Музејот на Куманово посочуваат дека овој артефакт го потврдува постоењето на ритуално светилиште во античката населба од 4 и 3 век пред нашата ера.

Според археологот Дејан Ѓорѓиевски, ритуалниот карактер на просторот го потврди наодот на питос кој на своето устие има декорација од отпечатоци од прстен, на кој има претстава на женско божество – Деметра (?), која држи рог на изобилие во едната рака, а со другата прави либација (течна жртва) со кантарос врз триножник.

Инаку, од Музејот велат дека, годинава, ископувањата беа концентрирани на секторот Долна тераса, каде што, пред неколку години се пронајдена конструкции oд 4 век пр. н. е., издлабени во карпа како и камени конструкции во вид на тумули, под кои е пронајдено големо количество вотивни садови, мали јами и ритуален сад за вода до нив. Тоа сугерираше дека на тој простор се вршени ритуални дејства, и поради тоа оваа година ископувањата беа продолжени таму.

– Непосредно источно до откриениот тумул, откривме ѕидови од градба во која имаше повеќе фрагменти од питоси и други стоваришни садови. Но, ритуалниот карактер на просторот ни го потврди наодот на питос. Јужно од овој простор, откривме дел од ограден ѕид, кој го одделувал просторот за обреди од остатокот од населбата. Меѓутоа, непосредно до ѕидот, пронајдовме остатоци од помала просторија, која укажува на активности поврзани со симпозиуми или ритуални јадења. Имено, покрај големото количество наоди од животински коски – диви свињи, кози и слично, имаше и големо количество трпезна керамика од 4-3 вeк пр. н. е., велат, меѓу другото, од Музејот на Куманово.

– Особено e значајно што пронајдовме подлога – лежиште, која веројатно била користена за поставување маса, и уникатни остатоци од декорација од кревет – делови од профилирана ногарка и аплика со претстава на божество. Божеството држи фијала в раце (ритуален сад за либација) и лежи на клине (кревет) – веројатно е дел од поголема, симпозиумска поворка од божества, додаваат од Музејот Куманово.

Во секој случај, посочуваат од Музејот Куманово, големиот број на импортирана керамика, како и остатоците од луксузно украсениот кревет за кој нема многу паралели (слични декорации се наоѓани во богатите гробови од периодот на 4-3 в.пр.н.е. во Пела, како и во кралските гробови од Ајга/Вергина), повторно го потврдуваат високиот степен на развиток на оваа населба.

ИЗДВОЕНИ