Веста за откривањето експлозиви во близина на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија зазеде значаен простор во унгарските медиуми, кои пристапуваат кон овој настан од различни агли, од безбедносен до политички.
Иако пристапите се разликуваат, она што е заедничко за повеќето унгарски медиуми е проценката дека ова е сериозен инцидент со потенцијално големи последици за енергетската безбедност на регионот.
Index.hu: безбедносен инцидент и итен одговор на владата
Порталот Index.hu се фокусира на безбедносниот аспект и одговорот на унгарските власти, нагласувајќи дека премиерот Виктор Орбан веднаш го свикал Советот за одбрана откако бил информиран за инцидентот.
Во нивното известување се нагласува дека станува збор за „критична гасна инфраструктура“ што е од клучно значење за снабдувањето со енергија на Унгарија, истакнувајќи дека истрагата е во тек и дека во моментов нема официјални информации за сторителите.
Важно е да се напомене дека огромното мнозинство унгарски медиуми е под де факто контрола на Фидес.
24.hu: политички реакции и шпекулации за позадината
Порталот 24.hu има поширок пристап кон темата, известувајќи за реакциите на опозицијата, особено на лидерот Петер Маѓар, кој тврди дека имало претходни предупредувања дека може да се случи инцидент.
Во нивните статии се споменуваат и шпекулации за можни „операции под лажно знаме“, како и прашањето дали инцидентот е поврзан со претстојните избори во Унгарија.
Telex.hu: Претпазлив тон и акцент на непознати
Telex.hu одржува попретпазлив, аналитички тон, нагласувајќи дека многу детали се уште непознати. Фокусот е на фактот дека се пронајдени експлозиви, но без да се извлекуваат заклучоци за мотивите или одговорните.
Порталот нагласува потреба да се почекаат резултатите од истрагата и избегнува шпекулации, потсетувајќи на важноста на гасната рута низ Србија за енергетската безбедност на Унгарија.
Magyar Nemzet: Безбедност и национален интерес
Провладиниот весник Magyar Nemzet го гледа инцидентот првенствено како прашање на национална безбедност, нагласувајќи ја важноста на заштитата на енергетската инфраструктура.
Извештаите ја нагласуваат потребата од решителен одговор и соработка со Србија, а воедно посветуваат помалку внимание на политичките полемики.
444.hu: Познато сценарио
Порталот 444.hu дава повеќе простор на критички тонови и анализи, вклучувајќи ги и ставовите на безбедносните експерти кои укажуваат дека слични сценарија се споменувани во јавноста и претходно.
Нивните статии ја проблематизираат можноста за политичка инструментализација на инцидентот, особено во контекст на изборната кампања.
Во статијата на веб-страницата 444.hu се тврди дека властите во Србија повторно го користат познатото сценарио за „непознати сторители“ и наводни бомби, овој пат во контекст на инцидентот на гасоводот Турски тек. По откривањето на сомнителни предмети, Вучиќ и Орбан брзо дадоа драматични изјави, додека во Унгарија, веднаш беше обвинета Украина, без истрага. Српските власти потоа објавија дека експлозивите немаат никаква врска со Украина, туку дека станува збор за американска опрема и лице поврзано со мигранти. Авторот заклучува дека вакви ситуации веќе се видени во Србија и дека јавноста сè повеќе го препознава моделот на политички корисни „закани“.
„Србија, имено претседателот Вучиќ и српските тајни служби, беа постојани актери, нарачувачи и организатори на слични акции во изминатата деценија. Речиси секоја година, српските медиуми зујат за „непознати сторители“ кои оставаат експлозиви или оружје во вреќи, автомобили или во близина на претседателската резиденција. Воопшто не е изненадувачки…“, наведува авторот на текстот.












