Интересот за сметководствената професија бележи пораст, а Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) во изминатиот период спроведе низа активности насочени кон нејзина промоција и доближување до младите. Една од клучните иницијативи е поддршката на студентскиот видео подкаст „Повеќе од само бројки – Сè што сте сакале да знаете за сметководствената професија“, кој произлезе од идеите на младите по Втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители. Подкастот е воден од студенти, а во првата епизода гостува претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
– Особено задоволство ми претставува што младите и студентите се инспирираа на Втората регионална конференција која се одржа минатата година, а на која на една од панел-дискусиите учествуваа и студенти. Тие потоа пристапија до Институтот со идеја за иницирање на видео подкаст, со цел да се приближи сметководствената професија до студентите и младите – изјави Прентоска.
Таа посочи дека ова е само дел од пошироките активности на Институтот, кој веќе започнува соработка со универзитетите и средните стручни училишта.
– Започнуваме и соработка со сите универзитети кои имаат катедри за сметководство и ревизија, како и со стручните средни училишта со економски насоки. Посебно ме радува статистиката која покажува зголемување на бројот на студенти на овие катедри во однос на минатата година – нагласи таа, додавајќи дека овој тренд претставува силна мотивација за понатамошни проекти.
Во насока на вклучување на помладата популација, ИСОС потпиша меморандуми за соработка со средните училишта „Васил Антевски-Дрен“ и „Кочо Рацин“. Со тоа, за првпат и средношколците активно се вклучуваат во иницијативите на Институтот, преку практична работа, кариерно советување и заеднички образовни проекти.
Според неа, подобрувањето на стандардите во сметководството директно ќе влијае врз бизнис заедницата и довербата во финансиското известување.
Од Институтот најавуваат дека активностите за вклучување на студентите, средношколците и младите професионалци ќе продолжат и во наредниот период, со цел дополнително зголемување на атрактивноста на сметководствената професија.












