вторник, октомври 6, 2026
Дома СВЕТ Унгарската влада предлага данок на богатство за ултрабогатите

Унгарската влада предлага данок на богатство за ултрабогатите

21

Унгарската влада предложи воведување данок на богатство наменет за поединци чиј имот надминува една милијарда форинти (3,08 милиони долари), објави денеска премиерот Петер Маѓар, со што го исполни предизборното ветување на неговата владејачка партија „Тиса“, пренесе „Ројтерс“.

Партијата од десниот центар „Тиса“ ја победи националистичката партија „Фидес“ на долгогодишниот премиер Виктор Орбан на изборите во април, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење; сепак, таа сега се соочува со буџетски дефицит проектиран на 7,5 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за оваа година.

За оние чие богатство надминува една милијарда форинти, владата предлага годишен данок од еден отсто на делот од имотот над тој праг, почнувајќи од јануари 2027 година.

За оние со богатство што надминува 100 милијарди форинти (308 милиони долари), би се применувала повисока стапка од 1,5 отсто на износот што го надминува тој праг, изјави Маѓар во видео објавено на неговата страница на Фејсбук.

Данокот би опфатил сите форми на имот, вклучувајќи недвижности, инвестиции, сопственички удели во компании и имот што се наоѓа надвор од Унгарија, додека кредитите би се одбивале од даночната основа.

Сè уште не е јасно какво влијание ќе има новиот данок врз буџетот за следната година. Се очекува владата наскоро да го објави буџетот за 2027 година и планот за воведување на еврото.

Најбогатиот човек во Унгарија во 2025 година беше Лоринц Месарош, пријател од детството на Орбан; неговиот имот – заедно со оној на неговото семејство – беше проценет на 1,786 трилиони форинти (5,50 милијарди долари), според листата за 2026 година објавена од американското списание „Форбс“.

Вториот најбогат човек во Унгарија беше Шандор Чањи, претседател на ОТП банка, со богатство од 649,7 милијарди форинти (2 милијарди долари).

Беше соопштено дека предлозите за даночните мерки наскоро ќе бидат објавени на веб-страницата на владата за јавна расправа. Потоа, се очекува нивно усвојување од страна на парламентот – каде што партијата Тиса има големо мнозинство, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ