петок, ноември 27, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Што се случи синоќа во Брисел?! Отворен конфликт меѓу европските лидери и...

Што се случи синоќа во Брисел?! Отворен конфликт меѓу европските лидери и судир околу милијарди евра

0
EPA/OLIVIER HOSLET

Вонредниот самит на Европската унија во Брисел – чија цел беше да го отвори патот кон договор за нов седумгодишен буџет вреден речиси два билиони евра – прерасна во отворен конфликт меѓу европските лидери. Седум земји-членки се побунија против начинот на кој се водеа преговорите, а нивните лидери почнаа да ги бојкотираат состаноците, а некои дипломати сега бараат некој друг, наместо претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да ја преземе улогата на посредник.

Наместо планираните дводневни разговори, лидерите го завршија самитот доцна синоќа – веднаш по полноќ – уште поподелени отколку што беа кога пристигнаа во Брисел, пренесува Политико. Дека очекувањата за брзо решавање на кризата се мали, потврдува и фактот што неколку национални делегации веќе резервирале дополнителни ноќевања во бриселските хотели за следниот самит, кој треба да започне на 17 декември.

Околу 22:00 часот, ситуацијата почна да се влошува. Според тројца дипломати запознаени со преговорите, во тој момент стана јасно дека самитот западнал во сериозна криза. Данска, Германија, Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Белгија изразија незадоволство од начинот на кој Кошта ги водеше преговорите. Оваа група земји се залага за помал европски буџет и ограничувања на заедничката потрошувачка. Еден дипломат изјави дека нивните лидери биле бесни.

Кошта се обиде да ги приближи спротивставените ставови преку организирање состаноци во помали групи, наместо сите преговори да се одвиваат на една маса со присуство на сите 27 лидери. Неговата тактика наиде на отпор, што доведе до тоа седум земји да почнат да ги бојкотираат состаноците. Еден дипломат предупреди дека Кошта ризикува да ги турне преговорите во провалија, сугерирајќи дека некој друг треба да го преземе раководењето со процесот. Во меѓувреме, незадоволството растеше и меѓу земјите што се залагаат за поголем буџет – група позната како „Пријатели на кохезијата“, во која спаѓа и Хрватска.

Европската комисија предложи буџет од приближно два трилиони евра за периодот 2028–2034 година. Пред самитот, Кошта предложи намалување на оваа сума за 204 милијарди евра, но сепак, тоа не беше доволно за земјите што инсистираат на помала потрошувачка. Финскиот премиер Петери Орпо изјави дека неговата групација ќе го прифати договорот само доколку вкупните кратења достигнат околу 250 милијарди евра – бројка потврдена од еден дипломат, кој напомена дека овие земји бараат дополнителни 40 милијарди евра заштеди. Од друга страна, земјите што добиваат повеќе од буџетот на ЕУ отколку што придонесуваат во него, се противат на какво било намалување на средствата за регионален развој и земјоделство.

Францускиот претседател Емануел Макрон отворено го критикуваше текот на преговорите, нарекувајќи ги буџетските кратења стратешка грешка што ќе ја ослаби конкурентноста на ЕУ во однос на САД и Кина. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се надоврза на ова мислење, истакнувајќи го контрастот помеѓу сè поголемите очекувања од ЕУ и реалната подготвеност на земјите-членки да финансираат заеднички проекти. Предлогот на Кошта за намалување на средствата за одбрана за 39 милијарди евра наиде на особено силен отпор. Балтичките земји тврдат дека тоа е во спротивност со ветувањата за зајакнување на одбранбените капацитети и подготовка за долгорочната закана што ја претставува Русија. Литванскиот претседател Гитанас Науседа посочи дека неговата земја издвојува 5,4 отсто од својот БДП за одбрана и ѝ помага на Украина – притоа губејќи 1,5 отсто од БДП поради војната – додека летонскиот премиер Андрис Кулбергс предупреди дека намалувањето на трошоците за одбрана би испратило опасен сигнал до Русија.

За време на самитот, некои дипломати почнаа да разговараат за можни замени за Кошта во улогата на посредник. Како можни кандидати беа споменати германскиот канцелар Фридрих Мерц и холандскиот премиер Роб Јетен, при што беше нагласено дека Макрон, со оглед на неговиот јавен став, не би можел да ја преземе таа улога. Друга опција е Европската комисија да се вклучи поактивно. Целта не е Коста да биде отстранет од функцијата претседател на Европскиот совет, туку некој друг да ја преземе клучната улога во постигнувањето компромис.

Кога сите 27 лидери повторно се состанаа, кратко пред полноќ, лидерите на Данска, Холандија, Италија, Унгарија и Белгија остро го критикуваа завршниот преглед на преговорите претставен од Кошта, отфрлајќи го неговото тврдење дека е постигнат каков било напредок. Самитот заврши околу 00:13 часот, а девет минути подоцна, кабинетот на Макрон соопшти дека тој заминал за Париз. Кошта и Фон дер Лајен одржаа кратка прес-конференција во траење од 11 минути, за време на која беа поставени само три прашања. Кошта потврди дека не е постигнат договор, додека Фон дер Лајен изрази оптимизам во однос на новите извори на приходи, вклучително и данокот на дигитални услуги. Бернд Ланге, претседател на Комитетот за меѓународна трговија при Европскиот парламент, на платформата „Икс“ истакна дека, и покрај обемните подготовки и најави, нема конкретни резултати.

Следниот состанок на лидерите е закажан за 17 декември – што претставува последна можност за постигнување договор за новиот седумгодишен буџет пред крајот на годината – при што некои делегации веќе ги продолжија своите хотелски резервации, очекувајќи повеќeдневен преговарачки маратон.

ИЗДВОЕНИ