Украина ја обвини Унгарија за приведување на седум вработени во државната штедилница Ошадбанк, кои биле во две возила што носеле готовина во транзит од Австрија до Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави на социјалната мрежа X дека причините за нивното приведување, како и нивната моментална состојба, се непознати.
Киев испрати дипломатска нота до Будимпешта барајќи враќање на нејзините граѓани, објавува Би-Би-Си. Ошадбанк соопшти дека нејзините вработени биле „нелегално приведени во Унгарија“ и дека податоците од сателитското следење покажуваат дека возилата биле во Будимпешта. Банката, исто така, ја навела вредноста на средствата што се транспортираат.
„Вредноста на средствата во украдените возила е 40 милиони долари, 35 милиони евра и девет килограми злато“, се вели во соопштението.
Ошадбанк бара „итно ослободување на вработените и средствата и нивно враќање во Украина“, објавува Би-Би-Си.
Сибиха ја обвини Унгарија за „државен тероризам и рекетирање“, тврдејќи дека станува збор за земање заложници и кражба на пари. Унгарија, потсетува Би-Би-Си, одржува блиски односи со Русија и се спротивставува на воената помош за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за блокирање на европскиот пакет помош за Украина. Орбан рече дека Будимпешта ќе употреби „политички и финансиски алатки“ за да ја принуди Украина повторно да го отвори нафтоводот „Дружба“, кој носи руска нафта до унгарските рафинерии.
Украинските власти тврдат дека нафтоводот „Дружба“ бил оштетен во руските напади минатиот месец и дека екипите за поправка биле цел на понатамошни напади, при што биле повредени. Руските испораки на нафта за Унгарија и Словачка беа прекинати на 27 јануари.
Унгарија и Словачка, единствените членки на Европската унија кои сè уште увезуваат руска нафта, ја обвинуваат Украина за одложување на обновувањето на протокот од политички причини.












