петок, ноември 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Таа сега е на чело на „Nvidia“: На листата на најбогати Американки,...

Таа сега е на чело на „Nvidia“: На листата на најбогати Американки, пред неа стои огромна задача

1
EPA/CJ GUNTHER

Долгогодишната директорка за финансии, Колет Крес, застана на чело на „Nvidia по избувнувањето на скандал и оставката на основачот Џенсен Хуанг, преземајќи ја улогата на привремен извршен директор.

Колет Крес (59), актуелната директорка за финансии во „Nvidia“, привремено го презеде раководењето со еден од најголемите светски производители на чипови, по ненадејната оставка на Џенсен Хуанг. Како искусен раководител, таа управуваше со финансиите на компанијата во изминатите 13 години – период обележан со експлозивен раст поттикнат од вештачката интелигенција.

Од „Nvidia“ потврдија дека Крес ќе ја извршува функцијата извршен директор сè додека Одборот на директори не пронајде траен наследник на Хуанг, кој ја основаше компанијата во 1993 година и ја водеше сè досега.

Крес се приклучи на „Nvidia“ во септември 2013 година како извршен потпретседател и директор за финансии. Во тоа време, компанијата беше најпозната по своите графички картички за видеоигри, со годишен приход од приближно 4,13 милијарди долари.

Во фискалната 2026 година, приходите на „Nvidia достигнаа 215,9 милијарди долари – што претставува зголемување од над 50 пати за време на нејзиниот мандат.

Крес беше одговорна за финансиското планирање, управувањето со капиталот и односите со инвеститорите. Таа редовно учествуваше во презентациите на деловните резултати, заедно со Џенсен Хуанг.

Фото: wikipedia

Крес има речиси четири децении искуство во финансиските сектори на технолошки компании. Својата кариера ја започна во „Texas Instruments“, каде што помина осум години на различни финансиски позиции.

Потоа, од 1997 до 2010 година, работеше во „Microsoft“. Таму, меѓу другото, ја извршуваше функцијата финансиски директор за одделот одговорен за деловни компјутерски системи и софтвер.

Во 2010 година премина во „Cisco“, каде што раководеше со финансиите на организацијата одговорна за технолошкото работење и операциите. Три години подоцна, таа се приклучи на „Nvidia“. Таа поседува диплома по финансии од Универзитетот во Аризона и магистерска диплома по деловна администрација од Универзитетот „Саудерн Методист“ во Тексас.

Крес е исто така една од најбогатите американски деловни жени. Оваа година, „Форбс“ ја рангираше на 32-то место на листата на најбогати Американки кои сами го стекнале своето богатство.

Според „Ројтерс“, вредноста на нејзините акции во „Nvidia“, при затворањето на пазарот вчера, изнесувала приближно 750 милиони долари. На својот врв минатиот месец, вредноста надминала 1 милијарда долари.

Нејзиното богатство во голема мера е поврзано со акциите во компанијата, чија пазарна вредност значително порасна во последните години.

Крес ја презема функцијата во „Nvidia“ во особено чувствителен момент. Хуанг поднесе оставка по извештаите за две вонбрачни афери, вклучително и врска со деловна жена за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека има врски со кинеска шпионажа.

Управниот одбор на „Nvidia“ започна независна истрага за можните безбедносни импликации, иако сè уште нема презентирано докази дека деловните тајни на компанијата или националната безбедност на САД се загрозени.

Заминувањето на Хуанг предизвика остра реакција кај инвеститорите. Акциите на „Nvidia“ паднаа за приближно десет отсто, додека компанијата се соочува со прашањето кој би можел да го замени човекот што ја предводеше 33 години.

Од „Nvidia“ соопштија дека, покрај новите одговорности, Крес ќе продолжи да ја извршува и функцијата главен финансиски директор.

Управниот одбор ќе разгледа кандидати и од внатрешноста на компанијата и однадвор за трајната позиција на извршен директор. Новиот претседател на Управниот одбор, Харви С. Џонс, изрази доверба во Крес, истакнувајќи го нејзиното длабоко разбирање на бизнисот, финансиите и односите со клиентите. Компанијата сè уште нема објавено временска рамка за избор на нов извршен директор, ниту пак потврдила дали Крес ќе биде кандидат за таа постојана функција.

ИЗДВОЕНИ