Во изложбениот салон „Империјал 1“ при Културно-информативниот центар – Скопје, вечерва (10 јуни), со почеток од 20.00 часот, ќе се отвори самостојната изложба на слики на Јана Куновска, насловена „Ултрамарин“.
– Новиот циклус од дванаесет дела „Птици“ иницијално започнати како идеја во 2025, но изработени во 2026, означува пресвртен момент во кој Јана Куновска сликовно го деконструира и го прочистува платното од досегашните наративни претстави преку нивното изоставување, и со тоа го прочистува дејството прикажано на платното од предметите, ликовите и наративните претстави. Во нејзиниот најнов ликовен израз, Куновска целосно го напушта земјиното тло, при што свесно го преместува дејството во небесните височини, доловувајќи го бесконечниот простор преку минимализирани монохроматски потези и суптилни силуети на птици. За разлика од претходните дела, каде што птиците се појавуваа како централни фигури со изразен, продорен поглед или како симболички додаток на приказната, во новите 12 дела изложени во КИЦ во Скопје, единствената глетка е самото небо со птиците. Тоа е доловено како поглед низ прозорец, чиста атмосфера во која кружат птици насликани во монохроматска ултрамарин сина боја. Оваа интензивна, длабока ултрамарин нијанса – позната по својата чистота, живописност и светлосна стабилност – ја симболизира длабочината на морето и ноќниот свод, асоцирајќи на спокојство, мудрост и бескрај, вели Нада Пешева кон изложбата.
Јана Куновска дипломирала и магистрирала на ФЛУ во Скопје и во моментов е на докторски студии на универзитетот „Метрополитен“ во Белград (Србија). Има реализирано 68 самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Долги години работи во областа на графичкиот дизајн и за својата работа е добитник на три награди.
Посетителите ќе можат да ја видат изложбата до 24 јуни.












