Полската Агенција за внатрешна безбедност (ABW) приведе двајца украински државјани, на возраст од 24 и 25 години, осомничени за шпионажа и саботажа во корист на руските разузнавачки служби, соопшти денеска Томаш Семоњак, министерот задолжен за координација на специјалните служби.
Според Националното обвинителство, осомничените се товарат за учество во руски разузнавачки активности насочени против Полска, собирање информации за воени објекти и критична инфраструктура, како и за подметнување пожари на возила во еден од поголемите полски градови, пренесе Полската новинска агенција (PAP).
Двајцата мажи се уапсени во Минск Мазовјецки и им е одреден тримесечен притвор.
Истрагата се спроведува под надзор на Окружното обвинителство во Лоѓ.
Семоњак изјави дека осомничените фотографирале критична инфраструктура и воени објекти, при што претходно ги промениле регистарските таблички на своите возила за да личат на оние што ги користи украинската војска.
Според него, целта веројатно била да се прикрие вистинската природа на овие активности и сомнежот да се насочи кон украинската страна – тактика што би можела да се искористи за ширење дезинформации.
Министерот додаде дека осомничените добивале финансиски надомест за извршување на овие задачи, вклучително и исплати во криптовалути.
За кривичните дела за кои се товарат, предвидена е казна доживотен затвор.












