вторник, ноември 10, 2026
Дома LIFE Проф. д-р МАРКО КИТЕВСКИ: БОЛЕН ЛЕЖИ МЛАД СТОЈАН – Здравјето и болестите...

Проф. д-р МАРКО КИТЕВСКИ: БОЛЕН ЛЕЖИ МЛАД СТОЈАН – Здравјето и болестите во народната култура

4
Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

Денес, кога многу се зборува за настинки и за вируси, кога јавуваат медиумите за полни амбуланти и болници, не е на одмет да се потсетиме како се лекувале нашите луѓе во минатото, кога немало организирана здравствена заштита, а болестите и епидемиите биле многу чести. Една народна мудрост вели дека „болен стануа, здрав умира, болнио оздравуа, здравио се поболуа“. На едно место Стале Попов пишува: „Болни оздравуваа, здрави умираа и така Господ правеше скали од луѓе“.

Бајачките лекувале од нагазено, од надворштиње, од урок, од магија, од црвен ветер, од самовили итн. Болните барале спас и од чудотворните самовилски води, свети води (неделечки, средочни, петочни), таму пиеле од водата, земале за лекување дома, оставaле нишани во водата или во околината. Марко Цепенков оставил записи за повеќе чудотворни води, но и за светците што се поврзани со лекувањето. „Светците“, вели Цепенков, „се наредиле на служба, светите бесребреници Кузман и Дамјан – да лекуваат секакви болести без пари, свети Наум, свети Андонија и свети Спиридон, да лекуат улаите, свети Аранѓел – да му зема душите на луѓето“. За болестите М. Цепенков вели дека биле „да и мачат луѓето и да ‘и зготвуваат за да умираат и на болесткте да викаат, а не на св. Аранѓел и на Господ, луѓето што и умираат“.

Останало забележано дека народот верувал дека свети Илија, како и свети Андон можат да лекуваат некои болести, поради што многумина ги земале иконите од црквата и ги држеле кај болниот. Исто така, ветувале нешто за да оздрави болниот. Во Дојран, на празникот на свети Илија (Илинден) се одржувале црковна служба и панаѓур, кои траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на свети Илија. Свети Климент, кој во текот на својот живот го подучувал народот, покрај другите корисни работи, и на хигиена и на лекување, го именувал својот манастир „Свети Пантелејмон“, според големиот светител и познат лекар.

Кога ќе се појавела болест, луѓето најпрвин не ѝ обрнувале многу внимание. Верувале дека како што дошла така ќе си оди. Ако се влошела состојбата, тогаш му давале на болниот некои чаеви од билки, вода од светите извори, вода во која бил измиен крстот, го носеле на бајачки, викале екими итн. Во црквата носеле масло, темјан, чорапи, крпи или други дарови, кои ги оставале на иконите или на фреските на светците, на евангелијата итн. Го носеле болниот во црква да го мироса свештеникот. Ако ни тоа не помогнело и ако се влошела болеста, дури тогаш барале лекар. И бидејќи го барале многу доцна, тој не можел да помогне. Тоа уште повеќе го засилувало сомнението кон лекарите, при што велеле:„ Не је он Господ, па да може душата да му ја поврати. Ако има век, и без него ќе се најде лек. Лекот е за една пара, ама кој да го знае“.

Во македонското народно творештво постојат голем број преданија за тоа како лекувал свети Наум болни, и тоа од најразлични болести. Познато е и тоа дека во кругот на манастирот еден период постоела болница за душевни болести. Сведоштво за тоа се гледа и на фреските во црквата, каде што светецот ги истерува демоните од устата на болните, бидејќи се верувало дека болестите се последица на демони што влегле во телото на човекот. Познато е и тоа дека во повеќе цркви низ Македонија има фрески со претстави на лекување болни од лепра, водена болест, парализа итн.

Во поглавјето „Соништа“ М. Цепенков пишува за некоја невеста „од Илија Дундов“ што три години боледувала од грлобол. Една саботна вечер видела сон како да беше отишла во параклисо „Свети Кирил и Методија“ во варошкото маало и ѝ се јавил еден човек со брада, зер свети Кирил, ја свети Методија и је рекол: „Повели напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли“. Кога станала, како да ѝ дошло поарно, зела да се подготвува за во црква и кога ѝ кажала на мајка си, и таа почнала да ја одвраќа: „Ами ваква учена си на училиште, да веруаш сонои! Коџамити царски еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи си тука не ти треба црква одење, да не настиниш, та да се сториш полоша“. „Море да знам да умрам на пато“, му рекла, „и па ќе одам и веруам оти ќе оздравам“. Откако виделе дека била решена да оди, ја зела мајка и ја однесла на параклисот. Кога влегла во црквата, за големо чудо го видела истото што го видела во сонот. По литургијата, отишла на бунарот, се измила од водата, се напила, шмркнала во носо и на часо сетила една голема леснина. Дури си ошла дома, си оздравела, како да не боледувала никогаш!

Во изминатите векови, особено во 18 и 19 век, постоеле некои лечебници што се препишувале и им служеле не само на екимите туку и на населението. Тие ги содржеле имињата на болестите и начинот на нивно лекување. Пример за тоа е еден охридски медицински зборник од крајот на 19 век, во кој може да се прочита за лекување од главобол, очебол, ќелавост, интерни болести, заразни и кожни болести, женски болести, психички болести, детски болести итн. Според овој лечебник, се лекувало „от глухота, от свина млеко и от бел кромид вода капни во ухото“, „кога жена нема машко дете да изеде дрвен црвец, а по ова да изеде врбова пук“, „ако уапе куче, узми лајно свинско, врзи на место…“ итн.

Кузман Шапкарев, во последната деценија на 19 век (1894), објавил цела книшка со имињата на болестите и со начинот на нивното лекување. Тој самиот вели дека не ги добил овие записи на болеститe  од слушање „по сказни“, туку дека се резултат на лично искуство, болести што ги прележал тој или некој од неговите блиски родини и пријатели. На осумгодишна возраст, девет месеци боледувал од ревматизам (вија), а на шеснаесет години го прекинал школувањето поради тоа што заболел татко му од колера. На 36 години му умреле две малолетни деца, потоа и сопругата Елисавета, а имал и други семејни трагедии. Како човек посветен на запишувањето разни форми на народната култура (песни, приказни, обичаи и сл.), нему му оставиле впечаток народните имиња на болестите. Тој запишал дека народните имиња на болестите бодеж, буица, врвеш, грлица, нахот, оток, полазница и др. се многу подобри отколку туѓите: плеврит, тифус, дијареја, дифтерит и др. Тој дури на некој угледен лекар во Цариград, во 1869 година, му покажал цел список со народните имиња на болестите и лекарот останал изненаден од богатството на народниот јазик, искажувајќи мислење дека треба да се употребуваат овие и другите имиња и во секојдневната практика и во медицинските списанија.

Пишувајќи за болеста бес, вели дека се добивала на тој начин што кога ќе одлетале некакви мали птички врапчиња високо, до најгорниот пласт од воздухот од тамошниот бесен ветер, побеснувале и паѓале долу, на земјата, па кога ќе ги изедело некое куче, и тоа побеснувало. Под јазикот на каснатиот од бесно куче се појавувале некои црвени меурчиња, наречени „бесни кучиња“, кои старите искусни жени ги гореле со врвот на вжештена чорапна игла или со нажежено железно вретено.  Болиочот, очиболот се лекувал со често плакнење со чиста студена вода, а некои лекувале на тој начин што намолзувале во очите млеко од жена, само требало млекото да е тенко, а не густо, да е со машко дете и мажот да ѝ е отсутен. Врвешот, дрискот, терането надвор или нагонот се лекувале со јадење стипични овоштија како дренки, костени, скоруши, диви сливи трнинки и сл. Ако не помогнело, тогаш земале некакви апови што бабите ги правеле од афион и пајажина. Цицка пак бил последниот степен на врвежот или срдешницата, односно претсмртен  момент. Дедо му и татко му на К. Шапкарев умреле од оваа болест. Кога колнат некого, жените викаат: „Цицка те фатило!“

Татко му на Марко Цепенков, Коста, променил повеќе занимања и најпосле од некој Мијак од Лазороо Поле, по име Аџи Стојан, го научил и екимскиот занает. Го викале екимот на сиромасите, зашто земал за лекувањето толку колку што ќе му даделе. Велел: „Нека биди благодарен и тој сиромав  јунак како мене“. А лекувал најразлични болести: на невестата од Лакаида желката од вратот ѝ ја извадил, „на Анѓелка од Бела Црква брадајцата од рилката му ја истребив и сега ми е свети Јоан“, „Попа Божина од с. Крапа удрен со пушка од арамии  јас му го извадив куршумот од осум драмои и ете го жив“. Го излекувал и некој јузбашија што имал сараџа на едната нога „што не можеа да го оздрават во царското астаане“ и добил полна шамија со бешлаци. Излекувал и други аскери што не можеле да ги излекуваат царските екими, поради што бил понуден да биде царски еким и да оди со аскерот, но тој одбил зашто требало „да оди со асќеро од град на град, да носи челад, жена со себе и за тоа не приима.“  Велел: „Колку коса имам на глаата, толку болни и неолни сум оздравел со помошта Божја и сите тие велат богдапрости“.

Најпосле се прославил со тоа што бележувал (вакцинирал) од сипаници. Кога се јавиле големи сипаници „во Кичаа и во виљаетот кичесќи“, Коста се наошал во Струга, каде што лекувал некој селанец од селото Лабуништа, изеден од една мечка што беше ја ранил самио тој во една нива сеана со царевка“ и откога го излекувал, заминал за Кичево. Шетал низ градот и селата и бележал околу илјада деца и владиката му дал едно шејтлааме (свидетелство) „оти најдобра маја имаше и ниедно дете не умре од тие што ‘и бележа“.

Некои пословици настанале од приказни или се објаснуваат со приказни. Така, на пример, кон пословицата море и молитвите му помагаат на болнио, ама и гирамитките се раскажува за некоја жена што била многу болна од бодеж и го викнала попот да ѝ пеит молитва за да оздрави. Неколкупати ѝ пеел попот и кога не минало, ѝ рекол да клава на бодежо топла герамитка. Клавајќи жената герамитки неколку пати, и даде Госпо ѝ помина бодежо, та си излегла на порта да седи.  Врвејќи, попо ја видел кај седи на порти и је рекол: „Еј жено, виде оти од молитвите мој ти помина бодежо“. „Сполајти, оче ефенди на доброто што ми го стори. Вистина и од молитвите ми помина бодежо, ама и од гирамитките што и клавав топли, ми помина“. Слушајќи тој збор од жената, попо беше се устрамил и си заминал по пато.

Кон пословицата сè што било поминало и што ќе биди ќе поминит останала приказната за некоја царска ќерка што не можеле да ја излекуваат сите царски екими. Тогаш еден стар неучен еким ѝ направил еден прстен со муур (печат) на кој била напишана поговорката сè што било поминало и што ќе биди ќе поминит. Ѝ го клал на прстот и је рекол секое легнуање и стануање да го пеит  и ќе оздравит. И вистина оздравела, чунки со таа поговорка сè се надевала оти ќе ѝ поминит и је поминло.

Дека најмногу болни оздравеле затоа што верувале во лекот или во тој што им го дал лекот, зборува едно предание од Гевгелиско. Таму имало некој народен лекар што го прашувал болниот: „Веруваш ли во мене дека ќе те излекувам? Ако веруваш, ќе оздравиш!“ Ваквото оздравување се потврдува со еден случај од селото Бојмица во кое живеела некоја жена Цофа, која била многу болна. Слушнала дека во Гуменџе имало некој лекар што многумина оздравел. Го молела мажот да ја однесе кај тој лекар или самиот да појде и да му кажи за болеста. Тој долго се опирал, но најпосле зел две шишиња и рекол дека ќе оди кај лекарот. Цел ден шетал надвор од селото, а вечерта ги наполнил шишињата едното со вода од некоја бара, помешана со вардарски мил (ситен песок), а другото со некаква црвеница (црвена глина). Ѝ ги дал на жената и ѝ рекол дека препорачал докторот пред ручек да пие од едната вода, а по ручек од другата. Жената само што се напила, рекла: „Охохо. На. Едно се испив, поарно ми е“. И навистина, другиот ден станала од постела.

Повеќе сведоштва за болестите останале во народните песни. „Болен лежи млад Стојан, /болен лежи ќе умре.“ Во љубовните песни некогаш се боледува од глава, некогаш од срце, некогаш од „тенка половина“, а некогаш и од мерак. Но, народната песна опеала и големи епидемии на почвата на Македонија. На пример, туберкулозата (офтика), пред пронаоѓањето на пеницилинот, била многу раширена и опасна болест. Многу македонски девојки и момчиња го завршиле животот токму од оваа болест, која се добивала, главно ,поради тешката работа и слабата исхрана. А била и заразна, лесно се пренесувала. Кочо Рацин ја опеал во песната „Ленка“: „Прва година помина, /грутка в серцето и легна, /втора година помина, /болест ја в гради искина, / трета година земјата /на Ленка покри снагата“. Нашиот народ имал голем страв од чумата (колера, панукла, куга итн.) Во народните песни е опеана чумата што го испустила Скопје, а и историските извори пишуваат за вакви епидемии во нашиот град. На маргините на еден псалтир од 15 век, некој запишал дека во 1700 година „имаше затемниување на сонцето, а во истата година имаше голема чума по Македонија и голем помор. Никаде не остана здрав град, ниту здраво село“. На друго место, на маргините на еден стар ракописи е запишано: „Куга мораше по свиету,/ ни оста дете, /ни жена, /ни човек, /све помори. /Бежаше у планину челад, /дојде куга у планину /па помори, /нема ко копат.“

Познатиот револуционер од илинденскиот период, Петар Манџуков, во затворот во Куршумли ан се разболел од псоријаза, веројатно од стрес. „Главата ми се покри со дебел и корав слој на лушпи кои го опфатија и косматиот дел на целата глава. Кога излегов од Куршумли-ан почнав да се лекувам – си ја миев главата со шпирт со sapo varidis, со смеса од трици и друго, но псоријазата не ми минуваше и продолжуваше се посилно да ми ја стега кожата на главата“. По излегување од затвор, се вклучил во четата на Гоце Делчев и една ноќ патувајќи низ шумата, една гранка му ја закачила капата и тој продолжил да оди гологлав. „Откако буковата гранка ми го украде каскектот од главата и јас тргнав гологлав, откако се почувствував слободен и ги закачив на клин сите житејски грижи и условности јас не успеав да забележам како исчезнува псоријазата. Дали сонцето, дождот и чистиот воздух, или целосно душевно спокојство повлијаеја на тоа не знам, но псоријазата исчезна без да почувствувам кога се случи тоа“. (2, 25)

Во народните приказни, екимите лекуваат со билки. Еден еким во повеќе шишиња имал разни билки. И кога ќе дојдел некој болен, тој ќе погледнел во шишињата и која билка ќе заиграла, таа му ја давал на болниот и го оздравувал. Еднаш, кога се разболела царската ќерка, бил повикан екимот и кога погледнал во шишињата, заиграла отровната билка. „Немам лек за ова болест“, му рекол на царот. Потоа царската ќерка оздравела, а кога ја посетил екимот, му кажале дека јадела расол. Во кацата имало останато уште една зелка и кога  ја пресекол, за големо чудо во неа имало змија отровница завиткана уште кога завивала зелката. „Ете, честити царе, ќерка ти оздравела од отровот. И мене ми заигра отровната билка, ама ми беше страв да ти ја дадам“. Потоа продолжил да им дава на болните и од отровната билка ако заиграла во шишето.

Куќа што не ја гледа сонцето, ќе ја гледа еќимот, вели народната пословица. Но, некогаш народот повеќе знаел и од екимот. Во една приказна се раскажува дека екимот и филозофот им се потсмевале на селаните, нарекувајќи ги прости и некнижни. Но, тие селани, гледајќи ги биолите („чунки вчера се расштрклаија“), му кажале на екимот дека „од денеска, али од утре ќе се јави една болес по луѓето, многу лоша, што да блујат и надвор да ‘и терат“. Овој не можел да поверува: „Саде тоа, пријатели, не е за верување, зер вие сте зборуале со Господ, да што знаите. По тие зборои, туку беше му се слошило и удрил да блуе и да дрискат! Бре аман што се чини чаре, билки немал да пие, за да оздрави. Бог да прости пак на селаните што беа собрале во градина малку нана и беа свариле, та од водата беа го напојале и лисјето на лажичката беа му ‘и врзале и по некој саат беше оздравел пустио еќим што беше се чинел од селаните поучен“. Засрамени, екимот и филозофот си заминале од селото. Долгогодишното животно искуство на човекот му овозможувало да разбере многу небесни и земни тајни работи, па во таа смисла, и во врска со здравјето.

(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ