Бесплатниот вај-фај е достапен на 72 локации во 64 општини, со брзина од 200 мегабити во секунда. Проектот досега има привлечено над 200.000 уникатни корисници, а преку мрежата се пренесени повеќе од 115 терабајти податоци. Надлежните најавуваат можност за проширување на мрежата на нови туристички локации

 

Бесплатен безжичен Интернет со брзина од 200 мегабити во секунда е достапен на 72 локации во 64 општини низ Македонија, преку проект поддржан од Европската Унија и од Германија. Досега услугата ја користеле повеќе од 200.000 уникатни корисници, а преку воспоставената мрежа се пренесени над 115 терабајти податоци.

Резултатите беа презентирани на завршниот настан на проектот „ЕУ за Западен Балкан – вај-фај во Македонија“. Евроамбасадорот Михаил Рокас истакна дека проектот претставува конкретен пример за соработката во рамките на иницијативата „Тим Европа“, нагласувајќи дека дигиталната поврзаност останува еден од приоритетите на Европската Унија.

Тој посочи дека и покрај постигнатите резултати, руралните и планинските подрачја сè уште се соочуваат со недоволна интернет-покриеност, поради што се потребни дополнителни напори за да биде пристапот до Интернет достапен и финансиски прифатлив за сите граѓани. Според него, бројката од 200.000 корисници е добар почеток, но услугата треба да ја користат уште повеќе луѓе, вклучително и туристите.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер нагласи дека основната цел на иницијативата е дигитална инклузија и обезбедување еднакви можности за пристап до информации, образование и јавни услуги, без оглед на местото на живеење и на финансиските можности. Таа оцени дека јавниот вај-фај треба да се смета за дел од заедничката дигитална инфраструктура, слично како парковите и библиотеките, бидејќи овозможува користење Интернет без зависност од мобилните пакети или од квалитетот на мрежната покриеност.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, информираше дека првичниот план предвидувал проектот да опфати околу 40 општини, но поради големиот интерес на локалните самоуправи, опфатот бил проширен на 64 општини и вкупно 72 локации. Андоновски посочи дека преку мрежата досега се пренесени над 115 терабајти податоци, што, според него, покажува дека се користи воспоставената инфраструктура. Како можни локации за следната фаза ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино.

Тој додаде дека проектот е дел од пошироката стратегија за развој на информациско-комуникациската инфраструктура и за подобрување на поврзаноста, предвидена во националната стратегија „Смарт МК 2030“. Според Андоновски, дигитализацијата не подразбира само развој на електронските услуги туку и создавање услови секој граѓанин да може да ги користи, без пречка да бидат трошоците или недостигот од интернет-пристап.

– Нашата задача е да ги намалуваме тие пречки со конкретни решенија како ова – истакна Андоновски.

Бесплатната вај-фај мрежа е една од мерките со кои се настојува да се намали дигиталниот јаз во земјава.

 

ИЗДВОЕНИ