Повеќе од 260 лица се уапсени, а откриена е 41 криминална мрежа вклучена во криумчарење мигранти меѓу Африка и Европа, за време на четиридневна меѓународна операција во која учествуваа полициски сили од 16 земји, соопшти денеска Интерпол.
Операцијата „Communis Maris“ („Заедничко море“), спроведена од 5 до 8 октомври, резултираше со апсење на 221 осомничен криумчар и фалсификатор, како и со отворање на 434 нови истраги, се наведува во соопштението на организацијата со седиште во Лион, за што извести весникот „Ле Фигаро“.
Во операцијата, финансирана од Европската унија, учествуваа 7.660 припадници на полицијата и други надлежни органи од 16 земји во Западна и Северна Африка, Европа и Блискиот Исток.
Тие извршија проверки на повеќе од 378.000 поединци и ги надгледуваа клучните точки на поаѓање долж миграциските рути.
За време на операцијата беа пресретнати неколку пловни објекти што превезувале мигранти.
Кај брегот на Мароко беше запрен чамец со 70 лица – меѓу кои и 30 малолетници – кои поминале шест дена на море. Во исто време, кај брегот на Мавританија беше пресретнат дрвен чамец (пирога) со 80 патници, кој тргнал од Сенегал.
Проверките на аеродромите, особено во Кипар и Грција, исто така доведоа до апсење на мигранти кои користеле фалсификувани лични документи. Во Франција се уапсени шест лица под сомнение дека организирале илегален транспорт на мигранти, переле пари стекнати од овие активности и ги сместувале жртвите во услови што го нарушуваат човечкото достоинство.
Дејвид Контер, раководител на Директоратот на Интерпол за организиран криминал и нови форми на криминал, предупреди дека криумчарите ја искористуваат ранливоста на мигрантите, изложувајќи ги на насилство, изнуда и трговија со луѓе, како и на опасностите од патување во преполни и небезбедни пловни објекти.












