Вкупно 174.727 кандидати се пријавија на овогодинешниот конкурс организиран од Европската канцеларија за избор на персонал (EPSO), при што 79.343 кандидати доаѓаат од Италија – бројка што покрена прашања во врска со географската рамнотежа при вработувањето во институциите на Европската унија.
Кандидатите се натпреваруваат за 1.490 места на резервна листа, од која институциите на ЕУ ги избираат идните службеници. Италијанците сочинуваат 45,4 отсто од пријавените – бројка што го надминува вкупниот број кандидати од Шпанија, Германија и Франција заедно, пренесува „Еуроњуз“.
Европската комисија во 2025 година воведе правила чија цел е зголемување на застапеноста на персоналот од 15 земји-членки кои се недоволно застапени. Овие мерки вклучуваат поканување на најмалку еден квалификуван кандидат од овие земји на финалните интервјуа, како и можност за давање предност на кандидати од овие држави во случаи кога квалификациите се еднакви.
Овие правила не го менуваат начинот на бодување на испитите, а Комисијата нагласува дека работните места не се резервирани за одредени националности.
Директорот на EPSO, Оливие Сал, изјави дека на претходните конкурси, националниот состав на успешните кандидати главно го одразувал составот на пријавените кандидати. Сепак, тој напомена дека е сè уште прерано да се предвиди исходот од овогодинешниот процес.
Тестирањето започна на 9 ноември, додека преостанатите проценки се закажани за 2027 година.
Високиот интерес се припишува на неколку фактори: седумгодишната пауза од последниот општ конкурс, можноста за тестирање од далечина, како и можноста испитите да се полагаат на кој било од 24-те официјални јазици на ЕУ. Повеќе од 90 отсто од пријавените кандидати моментално не работат во институциите на Европската унија.












