Украина до лето треба да добие уште еден систем за противвоздушна одбрана „Патриот“, кој претходно беше стациониран во Израел, а исто така постои можност нејзините европски сојузници да и испратат уште еден дополнителен систем.
Според Њујорк тајмс, системот од Израел ќе и биде доставен на Украина по завршувањето на поправките, потврдија четворица сегашни и поранешни американски функционери. Истовремено, западните сојузници ја разгледуваат можноста за логистички трансфер на дополнителен систем од Германија или Грција.
Официјалните лица, кои сакаа да останат анонимни, не го коментираа ставот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп за испораката, ниту пак е познато дали одлуката е донесена за време на неговиот мандат или за време на администрацијата на Џо Бајден, пренесе Индекс.
Досега неоткриената испорака доаѓа во време на зголемени руски напади врз Украина, вклучувајќи го и ракетниот напад на Киев на 24 април, во кој загинаа 12 лица.
Минатата година сојузниците се обидоа да одговорат на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за седум системи „Патриот“. Украина моментално има осум системи, од кои шест се оперативни, а два се на поправка, изјави американскиот претставник.
Со претстојниот систем од Израел и можните дополнителни од Германија или Грција, Украина би можела да има на располагање вкупно десет системи „Патриот“. Американските власти потврдија дека израелскиот систем е постар модел, но се очекува да пристигне во Украина до лето.
Европа има вкупно околу 40 системи „Патриот“, од кои осум се веќе распоредени во Украина. Еден систем „Патриот“ чини најмалку милијарда американски долари и бара да го управуваат околу 90 луѓе.