ЦЕЛТА Е ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, А НЕ НЕКОЕ ВРЕМЕНО РЕШЕНИЕ
Уставни измени под ваков притисок и преку булинг – нема да има, одлучен е премиерот Христијан Мицкоски, кој со оваа порака уште еднаш ја исцрта владината позиција за евроинтеграциите, нагласувајќи дека Македонија останува посветена на членството во Европската Унија, но дека не прифаќа решенија што, како што рече, почиваат на двојни стандарди и непринципиелен однос. Во интервју за поткаст на весникот „Коха“, премиерот уверува дека нема да дозволи да се случат уставни измени во оваа форма како што сега бара Бугарија, но дека македонската страна ќе продолжи да разговара. Премиерот предупредува дека работите треба да се гледаат принципиелно, а принципите треба да важат за сите бидејќи нема играње со истите.
– Да разговараме. Јас сум подготвен да разговарам со секого и секаде. Јас не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение кое ќе биде одржливо и кое ќе нè однесе до крајната цел. А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот… Мора работите да ги гледате принципиелно. Со принципите нема играње, рече Мицкоски, посочувајќи дека од Македонија се бара исполнување на обврски, а во исто време, источниот сосед не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со правата на македонското малцинство во Бугарија.
– Сега од нас се бара по принципот ние сме внатре, вие сте надвор и вие сакате да дојдете внатре, да прифатиме тоа што е договорено, а од друга страна, тоа што го прифатила некоја бугарска влада, во случајов почитување на човекови права, јасно е дека имаме дузина пресуди од Стразбур, од Судот за човекови права за македонската заедница во Бугарија, да се почитуваат нејзините човекови права, да се дозволи регистрирање на клубови на организации итн., тоа да не се почитува, а ние да го почитуваме. Тоа се вика булинг и тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту, пак, со вредностите на ЕУ дефинирани од Шуман, Дегаспери и Аденауер. Тоа е, ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре, вие ќе го прифатите тоа или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете, но јас не сум љубител на таков тип политика, рече премиерот.
– Затоа и на самиот почеток кажав дека тоа што важи за мене, ќе важи и за вас, и обратно, тоа што важи за вас, ќе важи и за мене. Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, тоа не ми одговара, ова ќе си го земам, тоа ќе го оставам. Не, ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вас ви одговара, тогаш губите на специфичната тежина како човек, истакна премиерот Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека целта на оваа Влада е да се биде дел од ЕУ, а не да се постигне некое времено решение кое би резултирало како сите претходни отстапки со кое се ветуваше дека ќе бидеме дел од ЕУ, но за жал, се наоѓаме на истото место кај што бевме пред промената на уставното име.
Изјавите на Мицкоски предизвикаа реакција од опозицискиот СДСМ, од каде што го обвинија премиерот за недоследност и лицемерство.
– За какви принципи зборува човек кој лаже цело време? Човек чиј принцип беше никогаш „Северна Македонија“. Човек кој принципиелно ветуваше дека прво ќе го укине Преспанскиот договор. Човек кој до вчера ја заговараше теоријата на Вучиќ за членство без право на глас, а денес вели дека е само за решение кое води кон полноправно членство. Тоа ли се тие принципи? Додека СДСМ од почеток зборуваше само за полноправно членство. Мицкоски повторно ја обвинува Европа за „булинг“. Постојат двајца Мицкоски. Еден во Македонија. Друг во странство… Еден за интерна употреба (во земјава). Друг за екстерна употреба (во странство). Сега треба да ги видиме тие „принципи“ и да се одлучиме, велат од опозициската партија.
Минатата недела и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека македонските власти се во постојанa комуникација со земјите членки на Европската Унија и со институциите на ЕУ, а се одржуваат средби и со Бугарија. Тој истакна дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што може да биде претставено пред јавноста. Особено внимание привлече неговата изјава дека според неговото толкување, како министер и правник, протоколите не се дел од Преговарачката рамка, на што експресно реагираше неговиот претходник, Бујар Османи, кој преку социјалните мрежи порача дека истото го тврди и тој додека беше шеф на дипломатијата, и потоа. Османи рече дека четири години трпи критики зашто велел дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Муцунски му одговори дека тој е последниот човек кој има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не во преговарачкиот процес со Европската Унија и дека Османи ја оставил државата во незавидна позиција. (В. С. Н.)












