„Факелот“ ја симболизира светлината на писменоста и мајчиниот јазик што првите повоени учители курсисти ја рашириле низ Гевгелија и околните села. Биографијата на Марика е приказна за млада ентузијастка која во воени услови, со малку хартија и парче креда, започнала борба против неписменоста. Низ одделенијата на учителката Марија поминале многубројни ученици, кои никогаш не ја заборавиле, па дури често ја посетувале во нејзиниот  дом. За жал, Марија Петрова-Ристова починала многу млада, на само 58-годишна возраст, само неколку години по нејзиното пензионирање. Но, таа останува да живее не само во срцата на нејзините Љиљана и Славица, туку и во срцата на многубројните ученици на кои учителката Марика, им го дала основното знаење за светот и животот. Затоа што, таа велела: „Наставникот е чаша на знаење, река на мудроста и море на трпение“

Дојде крајот на уште една училишна година. Цела плејада народни учители, наставници и професори, повеќе од осум децении ги воспитуваат и ги образоваат своите ученици и како вистински светилници на духот им ги покажуваат патиштата кон највисоките идеали, со љубов и верба во нивното свето дело. На тоа дело му претходеше „светлото од Серменин“, кој го разгореа првите повоени македонски учители кои ги направија првите чекори на повоеното национално школство во гевгелиското и валандовското подрачје во октомври и ноември, 1944 година. Тогаш, во селото  Серменин, под раководство на Ристо Елимов, се одржал семинар за подготовка на првите повоени учители, со учество на 75 курсисти на првиот и вториот курс. Марика Петрова-Ристова била една од најистакнатите учеснички на тој курс, која во локалната историја е запаметена како олицетворение на „Факелот од Серменин“. „Факелот“ ја симболизира светлината на писменоста и мајчиниот јазик што првите повоени учители-курсисти ја рашириле низ Гевгелија и околните села. Нејзината биографија е приказна за млада ентузијастка, која во воени услови, со малку хартија и парче креда, започнала борба против неписменоста.

Нека оваа приказна за учителката Марика Петрова-Ристова, која за ВЕЧЕР ни ја раскажаа нејзините внуки, сестрите Љиљана и Славица Ристови, биде потсетник и на сите други повоени курсисти за учители, кои ги посетуваа двата курса организирани во селото Серменин. Затоа што „факелот“ што го запалија првите повоени учители токму во Серменин, сè уште им го осветлува патот на новите генерации ученици во Гевгелија, но и во Македонија.

Марика Петрова, подоцна Ристова, била ќерка на Султана-Тана Ашикова од Дојран и на Димитар-Мито Петров, роден во село Смол, Егејска Македонија. Марика е родена на 2 февруари, 1926 година, во Гевгелија.

Кога дошол крајот на Втората светска војна, Македонија била без македонски учители. Президиумот на АСНОМ носи Решение и Упатство за организирање курсеви за оспособување на привремени учители за основните училишта. Тогашната македонска власт ангажирала многу млади луѓе, речиси сè уште деца, на свои 16, 17 и 18-годишна возраст, да ги посетуваат овие курсеви за учители. Меѓу нив се нашла и Марика.

За разлика од другите региони на Македонија, курсот за привремени учители во Гевгелиско-дојранско-валандовскиот Регион има свои специфики. Дотогаш, децата во Македонија учеле на туѓи јазици. Затоа овој настан има историско значење  – првпат децата слушале настава на својот мајчин јазик.

Ова, многу убаво е опишано во брошурата на Ристо Елимов –  „Факелот од Серменин“.

Селото Серменин, оддалечено 19 километри од Гевгелија, во пазувите на Кожуф, е избрано за место на одржување на курсот. За предавачи биле одредени: д-р Ангел Џиков –  ветеринарен лекар, инж. агр. Кирил Минев, двајцата од Гевгелија, и Миро Петрушев – ветеринарен лекар од Богданци. Тогаш, овој регион располагал со само 11 души квалификувани учители. Според решението на АСНОМ, курсот требало да го посетуваат ученици од шести до осми клас гимназија и средни училишта. Пред оспособените учители претстоеле работа со децата во училиштата, но и борба со неписменоста и други задачи а тие млади луѓе беа неискусни и требаше да  изведуваат настава во најтешки услови: делумно разурнати училишта, без соодветни, на македонски јазик, учебници.

Марика Петрова-Ристова за тие моменти вели: „Тогаш имав само 18 години. Сè уште во Гевгелија имаше Германци. Дури полнеа и вода од нашиот бунар. А јас требаше илегално да излезам од дома и од градот и да одам во планината… Како јас толку млада ќе се снајдам во планината?“

Колку било тешко за гевгеличаните, уште полошо било за тие курсисти од левата страна на Вардар да стигнат до Гевгелија, а оттаму до Серменин. Тие морале да поминат преку мостот на Вардар, чуван од силни стражи. Во Серменин се собрале 34 повикани курсисти. Од нив повеќе биле младинци од 6 клас.

Предавањата започнале на 23 октомври 1944 година. На отворањето, освен курсистите, присуствувале и голем број жители на Серменин, евакуирани гевгеличани и претставници на политичките и воените власти. Курсот траел 9 дена од 23 до 31 октомври. Наставата се одвивала целодневно, освен одморот за ручек. Освен општообразовните предмети биле и сексуалното воспитување, хигиена и критика и самокритика. Религијата не била застапена, иако АСНОМ дал можност таа да се предава факултативно. Имало и гаѓање со пушка. Се извела и лажна тревога – „доаѓање на вооружени Германци“. Било наредено книгите да се соберат од населението и да се сочуваат, зашто „секоја книга  има своја вредност“, рекол еден од предавачите.

На 31 октомври завршил курсот за привремени учители. Тие што биле  определени на работа во оддалечените села, биле среќни, а на ризик биле тие што биле во селата кои сè уште не биле ослободени.

Марика била распределена да учителствува во валандовските села Брајковци и Балинци. Од жителите на овие села, таа била пречекана со воодушевување, поради фактот што за прв пат во многувековната историја, во селата децата имале македонска учителка. По извесно време, Марика била учителка и во други гевгелиски села, за да најпосле ја распределат во самиот град Гевгелија, да биде учителка од прво до четврто одделение.

Учебната година завршила на 7 јуни 1945 година, со што завршила и нивната пионерска просветна задача. Некои од нив, потоа, со доквалификација, учителствувале сè до крајот на својот работен век, а другите се вратиле на школување. Изгубениот клас го надополниле со курс, јули и август 1945 година во Струмица. По завршувањето на школувањето, многу од овие први учители станале и познати функционери, културни дејци и слично. Иван Антонов стана спикер на МТВ, Славка Георгиева (Андреевиќ) – министер за просвета, Кирчо Ќортошев – актер на МНТ, Радуле Тараљајков (Костовски) министер за информации, Душко Варналиев – новинар во Нова Македонија, Илија Џаџев – професор во гимназијата во Гевгелија, гитарист и поет. На  сите нив, поколенијата им се благодарни, а сеќавањата – неисцрпни!

Низ одделенијата на учителката Марија поминале многубројни ученици, кои никогаш не ја заборавиле, па дури често ја посетувале во нејзиниот дом. За жал, Марија Петрова-Ристова починала многу млада, на само 58-годишна возраст, само неколку години по нејзиното пензионирање. Но, таа останува да живее не само во срцата на нејзините Љиљана и Славица, туку и во срцата на многубројните ученици на кои учителката Марика им го дала основното знаење за светот и животот. Затоа што, таа велела: „Наставникот е чаша на знаење, река на мудроста и море на трпение“.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ