недела, септември 13, 2026
Дома БАЛКАН Две анализи покажаа: Европската Унија не е подготвена за прием на нови...

Две анализи покажаа: Европската Унија не е подготвена за прием на нови членки

0
EPA/OLIVIER MATTHYS

Европската Унија во моментов не е подготвена за прием на нови членки. Вметнување на земји како Исланд или Норвешка во единствениот пазар и примената на сите одредби на ЕУ во тие земји покажува дека и без полноправно членство тоа може да води кон истата цел за стабилност и напредок на Европа.

Тоа во две споредбени анализи го истакнува бриселскиот Центар за европска политика (EPC), чии наводи се следат со внимание во телата на Унијата.

Во анализата подготвена од поранешниот претставник на Европскиот парламент во изработката на темелниот акт на ЕУ – Договорот од Лисабон, Ендру Даф, се укажува дека „и покрај декларативната поддршка, Европскиот совет и лидерите на ЕУ се заглавени во несогласувања околу проширувањето“.

„Затоа со внимание се очекува што ќе предложи Европската комисија оваа есен во новата стратегија за проширување“, истакнува Даф.

Бриселскиот институт во опширната анализа на овој стручњак укажува дека „сега е пресуден момент за ЕУ бидејќи се соочува со предизвикот за прием на нови членки и со нужната реформа на сопствените структури на власта“.

EPC во споредбената анализа заклучува дека, иако граѓаните на Исланд токму на референдум го одбија влезот во полноправно членство во ЕУ, вграденоста на Исланд, како и на Норвешка во Европскиот економски простор, односно единствениот пазар, практичната примена на речиси сите правила („актот на ЕУ“) во тие земји и нивната вклученост во Шенген, сведочат дека полноправното членство никогаш не било единствениот модел на интеграција.

И, како што се нагласува, „тоа не значи дека геополитиката е без важност за проширувањето, туку укажува на тоа дека геополитичкото сврстување и институционалната интеграција не мора секогаш да бидат единствениот начин да се оди кон истата цел“.

Даф, кој е и потпретседател на Либералниот демократски сојуз на ЕУ, предлага повеќе конкретни реформи на институциите пред приемот на која било нова членка во Унијата, „бидејќи без демократско преуредување проширената Унија ќе пропадне“.

Но, како што става до знаење, „имајќи го предвид империјалистичкото однесување на САД, Русија и Кина… на Европската Унија ѝ се нужни постојани и силни граници, па покрај изградбата на одбраната, проширувањето е моќно орудие на надворешната и безбедносната политика“.

Аналитичарот на EPC смета дека со тек на време ќе попуштат противставеностите кон проширувањето во некои членки на Унијата, а посебно ако „еден ден Путин и Трамп склопат изненадувачка, валкана зделка околу Украина“.

Даф смета дека „брзото напредување и исполнувањето на сите мерила за членство веќе до 2028 година на водечкиот кандидат Црна Гора, мала и кревка земја, не може да биде доволно ЕУ да се извлече од застојот… а како што стојат работите сега, Унијата не е подготвена за проширување“.

Тој заклучува дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сега предлага „две крупни работи истовремено: проширување и реформа внатре во ЕУ, а Унијата досега беше неспособна да спроведе барем едно од тие две“.

„Проблемот е што тоа би морале мазно да го прифатат сите членки на ЕУ, односно како оние што сакаат да го запрат проширувањето, така и оние кои се против подлабока интеграција на самата Унија… и тоа во момент кога десничарскиот национализам претставува моќна сила во повеќе членки на ЕУ“, пренесува агенцијата Бета.

ИЗДВОЕНИ