Македонија ја користи својата стратешка географска положба за развој на паневропските транспортни коридори 8 и 10, во чија инфраструктура се инвестираат меѓу 5 и 6 милијарди евра. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, посочувајќи дека целта е земјата да остане конкурентна транзитна рута во регионот. Николоски нагласи дека Македонија има уникатна позиција во Југоисточна Европа, бидејќи токму на нејзина територија се вкрстуваат двата паневропски коридори – Коридорот 8, кој се протега во правец исток-запад, и Коридорот 10, кој ја поврзува Европа во правец север-југ.

– Ние сме единствена држава во Југоисточна Европа каде што двата паневропски коридори се сечат и се обидуваме да ја искористиме таа уникатна географска позиција што ја имаме. Затоа правиме огромни инвестиции што се движат меѓу 5 и 6 милијарди евра – изјави Николоски.

Тој посочи дека станува збор за значителни вложувања во однос на бруто-домашниот производ на земјата, оценувајќи дека инвестициите во инфраструктурата се важни за подобрување на транспортната поврзаност и зајакнување на регионалната конкурентност. Според Николоски, инфраструктурните проекти и вложувањата во двата коридора се препознаени и од меѓународните финансиски институции и европските партнери.

– Затоа сме најнапред и сме пофалени и од Европската комисија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, како и од останатите партнери за ова што го правиме во инфраструктурата – рече Николоски.

Развојот на Коридорите 8 и 10 е од стратешко значење за Македонија, со оглед на нивната улога во поврзувањето на регионалните и европските пазари, како и во создавањето услови за побрз транспорт на стоки и патници.

 

ИЗДВОЕНИ