Обвинетиот апелационен судија, Ѓоко Ристов, сам ги соѕидал 350.000 илјади евра во кујнскиот ѕид во куќата на родителите во Неготино, кажа обвинителката Искра Хаџи Василева на брифинг со новинарите.
„Неговата ДНК се совпаѓа со трагите од фолијата со која се виткани парите,610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, кажаа од Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Ристов е обвинет за две кривични дела противправно стекнување на имотот и перење на пари. Второто е потешко и гласи „Тој што ќе пушти во оптек или промет, прими, преземе, замени или раситни пари или друг имот што го прибавил со казниво дело или за кој знае дека е прибавен со казниво дело, или со претворање, промена, пренос или на друг начин ќе прикрие дека потекнува од таков извор или ќе ја прикрие неговата локација, движење или сопственост, ќе се казни со затвор од една до десет години, стои во кривичниот закон.
„Во текот на истрагата доказите уште повеќе ја зајакна нашата теза, а ја демантираше таа на одбраната, парите ниту се од лозје, ниту се од ниви, истакна обвинителката.
Предмет на докажување во постапката се само еврата најдени во ѕидот и тие се конфискувани, луксузниот стан кој не е пријавен во анкетниот лист на судијата не бил дел од истрагата. Обвинителството ќе ја докажува вината преку двајца сведоци и аудио снимки од посредување на парите.
Обвинителството не гледа проблем во тоа што бегалец на правдата пријавува дека му се бараат пари за влијание кај судија.
„ Љупчо Пецов е со мерки за претпазливост со десет пати поголема гаранција од штетата што ја причинил за делото за кое се товари“, велат од обвинителството и охрабруваат да се пријавува корупција без разлика од каде и од кој доаѓа.
Неговиот адвокат Фехми Стафа се спогоди со обвинителството и ја издржува затворската казна од 15 месеци. Поранешниот Правобранител на Македонија беше фатен на дело како прима поткуп од 50.000 евра од сестрата на Ѓаволот за да влијае кај судијата Ристов.
„Ова предизвика основано сомнение дека судијата во периодот од 10.02.2020 година, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи“, стои во обвинението за Ристов
Обвинителството и полицијата на почетокот од годината влегоа во домот на родителите на судијата во Неготино, и при вториот обид со помош на опрема, во дупката од ѕидот се јавил одсјај од алуминиумската фолија во која биле завиткани парите. Одбраната на Ристов еврата ги објасни дека се од продажба на трактори и ниви за фотоволтаици и за тоа како доказ поседувале банкарски сметки и нотарски договори. (П.А.)












