Талентирани млади спортисти и ученици од семејства во социјален ризик од Општина Кисела Вода вчераутро заминаа на летен спортско-едукативен камп во Охрид.
Децата ќе престојуваат во одморалиштето „Детски радости“ во Свети Стефан, каде што им се обезбедени шест полни пансиони.
Од Општина Кисела Вода информираат дека за квалитетното исполнување на времето на децата во текот на престојот ќе се грижи стручен тим составен од наставници, аниматори и рекреатори, како и лекар, кој ќе ја следи нивната здравствена состојба.
– Ми претставува особено задоволство што ги испраќаме овие деца на заслужен летен одмор. Фокусот ни е насочен кон децата што се во социјално ранлива положба, но и кон нашите талентирани спортисти, кои со својот труд и залагање заслужија да бидат дел од овој камп. Сакам сите да уживаат во летото, да градат нови пријателства и да се вратат дома со прекрасни спомени. Вложувањето во нашите најмлади останува наш приоритет – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, која ги испрати учениците, посакувајќи им среќен пат, безбедно патување и незаборавно летување.












