Истакнатиот бугарски бизнисмен и претседател на фудбалскиот клуб од првата лига „Ботев“, Илијан Филипов, беше застрелан и убиен во Пловдив рано утринава во средата, објавија БНР и други локални медиуми, пренесува Ројтерс.
Илијан Филипов, сопственик на „ПИМК“ – една од најголемите бугарски компании за транспорт и логистика – и мнозински акционер на ФК „Ботев Пловдив“, беше убиен околу 01:00 часот по локално време во имот во негова сопственост во градот, се наведува во извештаите.
Полицијата ги блокираше главните влезови и излези на Пловдив, град лоциран на околу 145 километри југоисточно од главниот град Софија, соопштија властите.
🇧🇬 | Botev Plovdiv Başkanı Ilian Filipov, silahlı saldırıda öldürüldü. pic.twitter.com/UaCBnaJX78
— Balkan Futbolu (@BalkanFutbolu) September 30, 2026
„Активно ги истражуваме сите можни насоки на истрагата“, изјави окружниот обвинител на Пловдив, Вања Христева.
Филипов беше основач и раководител на „ПИМК“, една од најголемите транспортни компании во Бугарија. Со текот на годините, компанијата го прошири своето работење и во други сектори, вклучително и градежништвото.
Тој беше и добро позната личност во фудбалските кругови во Пловдив. Филипов беше вклучен во изградбата на стадионот „Христо Ботев“.
Се очекува Министерството за внатрешни работи да објави дополнителни детали за околностите на убиството и текот на истрагата како што ќе пристигнуваат нови информации.












