Убиецот на доставувачот на пица во хрватскиот град Дрниш, по потрага подолга од 24 часа, утринава е пронајден и уапсен. Педесетгодишниот Кристијан Алексиќ, во саботата околу 11 часот, на терасата од својата куќа, пукаше и го уби 19-годишниот доставувач на пица Лука М., а потоа избега. Полицијата околу три часот по полноќ го пронајде скриен на стотина метри од неговиот дом, вооружен со нож и со огнено оружје.
Според неофицијални информации, како што пишува „Индекс“, тој бил уапсен без облека, а наводно посипувал црн пипер зад себе, во обид да ги измами полициските кучиња трагачи и на тој начин да ги спречи да го следат. Мештаните велат дека избегал преку железничката пруга што поминува недалеку од неговата куќа, каде што наводно има бункери.
Додека се трагаше по Алексиќ, која важел за опасна личност зашто им се заканувал на многумина и поседувал оружје, а во минатото одлежал и затворска казна за убиство на 22-годишна девојка, градот сè до рано утринава беше под полициска опсада. Сите влезови и излези беа затворени, а граѓаните беа повикани да не ги напуштаат своите домови и да ги спуштат ролетните. Хрватските медиуми јавуваат дека и по апсењето на убиецот, во Дрниш „вриело“ од полицајци, а училиштата и градинките биле затворени, како што било најавено претходниот ден.
Градот Дрниш е во шок по убиството на 19-годишното момче. Градоначалникот Томислав Џелалија изјави дека граѓаните поминале две бессони ноќи и најави дека во вторник, кога ќе биде погребано момчето, во градот, кој важи за мирен град, ќе биде ден на жалост.
Како што објави ВЕЧЕР, кога дошла нарачката за Алексиќ, доставувачот не сакал да ја земе, бидејќи се плашел од него, но 19-годишниот колега, Лука М., се понудил да оди со него, велејќи му дека нема да се случи ништо. Кога дошле на адресата, Лука излегол од возилото и отишол да ја предаде пицата, но бил убиен, а неговиот колега, преплашен, избегал и повикал полиција.












