Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека украинските војници треба да преминат на руска страна бидејќи, како што тврди, тоа е „вистинската страна на историјата“.
– Не сакам да кажам дека треба да се предадат, бидејќи тоа звучи малку понижувачки. На крајот на краиштата, тие се борат и продолжуваат да се борат. Би сакал да им кажам да одат на наша страна, бидејќи тоа е нашата заедничка страна и вистинската страна на историјата, вели Путин во обемното интервју што му го даде на режисерот Емир Кустурица за неговиот филмски проект „Нашето крштевање. Патријархот“, правен за потребите на патријархот Кирил.
Во интервјуто, Путин тврди дека западните сили со векови се обидуваат да ја ослабат Русија со примена на принципот „раздели па владеј“.
– Луѓето кои денес живеат на територијата на Украина треба да разберат дека сите оние што ги поддржуваат, вклучително и во сегашниот конфликт со Русија, не го прават тоа во интерес на Украина, туку за свои интереси, со цел да ослабат, поделат, разбијат сè на одделни делови и да ги потчинат на нивната волја, вели тој, повикувајќи ги Русите и Украинците на единство, нагласувајќи дека тоа не мора да значи живеење во заедничка држава.
Во контекст на денешното војување, рускиот претседател вели дека победува оној кој размислува појасно и реагира побрзо на настаните и на предизвиците.












