АД ЕСМ ќе го почитува рокот од 8 дена и до крајот на неделата ќе поднесе приговор до Вишото јавно обвинителство на одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ да ја запре истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во текот на енергетската криза.
Според последното соопштение од компанијата, суштински ќе приговара за начинот на кој Обвинителството ги толкувало доказите и исказите во постапката. ЕСМ тврди дека обвинителката паушално го спровела вештачењето и погрешно ги интерпретирала изјавите на инженерите, кои биле повикани исклучиво да ги објаснат техничките аспекти на набавката и производството, а не да оценуваат дали има финансиска штета. Според ЕСМ, токму тие технички искази биле злоупотребени за да се изведе заклучок дека немало материјална штета, иако лицата што сведочеле немале економска компетенција за таква оцена. Компанијата смета дека Обвинителството неосновано им дало поголема тежина на тие искази наместо да ги вклучи оштетената страна и нејзините финансиски анализи во постапката.
Дополнително, ЕСМ приговара дека не му биле доставени навреме вештите наоди и мислење од економско-финансиската област, туку по носењето на наредбата за запирање на постапката, што, според него, претставува суштествена повреда на постапката, и дека било лишено од правото да се произнесе преку свои стручни лица.
Како една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“, надлежната обвинителка ги наведе исказите што ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ пред Обвинителството, во март 2026 година. Во записник во Обвинителството изјавиле дека се спроведувале постапките согласно со правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака и дека целосно биле почитувани договорите. (П. А.)












