Дваесет и осумгодишен маж е уапсен во Јужен Јоркшир под сомнение за убиството на Ен Видекомб, поранешна британска конзервативна министерка и истакнат член на партијата „Реформа на Велика Британија“. Видекомб беше пронајдена мртва со сериозни повреди во четврток во 11:40 часот во нејзиниот дом во Хејтор, Девон, а полицијата верува дека била нападната речиси 24 часа претходно, објавува „Би-би-си“.
Полицијата во Девон и Корнвол потврди дека 28-годишен маж е уапсен на адреса во Јужен Јоркшир, околу 430 километри од имотот на Ен Видекомб. „Осомничениот, бел британски државјанин, сега е во полициски притвор“, се вели во соопштението.
„Ни помогна полицијата за борба против тероризмот на Североисточниот и Јужниот Јоркшир, која го спроведе апсењето во име на полицијата во Девон и Корнвол. Во моментов нема индикации дека станува збор за терористички инцидент и ние, како надлежна полициска единица, ја задржуваме главната одговорност за истрагата“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека истрагата е активна и во тек, и дека вечерва нема да објават дополнителни информации. Семејството на Ан Видекомб е информирано за најновите случувања.
Ова е второ апсење во истрагата. Претходно, во Њутн Абот, оддалечен 18 километри, 26-годишен маж беше уапсен под сомнение за убиство, но беше ослободен во саботата. Полицијата подоцна објави дека тој „веќе не е дел од истрагата“. Во текот на викендот, имаше значително полициско присуство околу нејзиниот дом во Девон, каде што форензичките службеници спроведуваа истрага.
Менаџерскиот тим на 78-годишната Видекомб прв ја соопшти веста за нејзината смрт во петокот. Кратко потоа, помошникот началник на полицијата Мет Лонгман изјави дека офицерите за борба против тероризмот првично биле вклучени во истрагата. Тие ја исклучија можноста за тероризам откако не пронајдоа докази што укажуваат дека нејзината смрт е „политички мотивирано злосторство“. Во саботата, Лонгман изјави дека полицијата одлучила да не објавува подетални информации, како што се описи на можни осомничени или снимки од надзор, во овој момент. „Предвременото објавување на вакви информации би можело да ја загрози тековната истрага и да им наштети на идните истражни дејствија“, објасни тој.
Десетици граѓани, вклучувајќи го и лидерот на „Реформ Јукејп“, Најџел Фараж, положија цвеќе во близина на нејзиниот дом во Националниот парк Дартмур. Фараж ѝ оддаде почит на Видекомб, велејќи им на новинарите дека е „извонредна личност“ и „најстрасниот бранител на слободата на говорот“.
Нејзиниот долгогодишен возач, Питер Хорал, исто така, положи цвеќе во саботата, кој за Би-Би-Си изјави дека „едноставно не може да поверува“ што се случило. „Таа беше одлична дама, многу љубезна“, рече тој, додавајќи: „Ако ѝ поставите прашање, ќе добиете одговор – без никакво двоумење“.
Политичарите од целиот политички спектар, вклучувајќи го и премиерот во заминување, Сер Кир Стармер, и лидерката на конзервативците, Кеми Баденох, изразија шок и тага поради нејзината смрт и оддадоа почит на нејзиниот придонес во јавниот живот.












