Рафинерија за нафта во регионот Џазан, во јужниот дел на Саудиска Арабија, е делумно затворена по напад извршен во четвртокот, кој предизвика пожар и резултираше со смрт на еден работник – државјанин на Непал.
Сателитски снимки до кои дојде Си-Ен-Ен (CNN) прикажуваат големи облаци од црн чад што се издигаат над постројката по нападот.
Подоцна истата вечер, Министерството за енергетика на Саудиска Арабија соопшти дека загинал работник од Непал, а неколку други лица се повредени.
Засега нема дополнителни детали во врска со бројот на повредени или очекуваното времетраење на делумната суспензија на работата во објектот.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која се бори против движењето Хути, соопшти дека нејзините сили уништиле ракетен фрлач во Ал Худајда, Јемен, пренесува Ал Џезира.
Портпаролот на коалицијата, Турки ал-Малики, на социјалната мрежа „Икс“ (X) изјави дека уништениот фрлач бил користен во напади врз објект во Џазан.












