Турската компанија „Џагатај Кабло“ ќе гради нов објект во ТИРЗ Скопје 1. Компанијата подолго време работи во зоната и за проширување на своето производство во објект од 10 илјади квадратни метри ќе вложи 6 милиони евра и ќе вработи 200 лица. Во новата фабрика ќе биде инсталирана нова технологија.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, денеска во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Тој посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата.
Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.
По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло, значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро.
„Џагатај Кабло“ произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила, се вели во соопштението до медиумите.