Трошоците за живот во 2024 година зголемени за 3,5 отсто

23

Трошоците за животот во 2024 година, во однос на 2023 година, бележат пораст од 3.5 отсто, а цените на мало од 3.8 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците за живот се зголемени за 4.4, а цените на мало за 4.3 отсто.

– Движењето на индексот на трошоците за животот во 2024 година беше различно кај одделни групи на потрошувачката. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Ресторани и хотели за 9.9%, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7.6%, Здравје за 5.3%, Разновидни стоки и услуги за 5.1%, Рекреација и култура за 4.9%, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 3.8%, Облека и обувки за 3.1%, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 2.9%, Транспорт, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1.4% и Образование за 0.2% – соопшти ДЗС.

Движењето на индексот на цените на мало во 2024 година, исто така, беше различно кај одделни групи производи. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Земјоделски производи за 7.1%, Услуги за 5.0%, Пијалаци за 4.0%, Индустриско-прехранбени производи за 3.5%, Индустриско-непрехранбени производи и тутун за 2.1%.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, изнесуваше 0.3%. Зголемувањето на инфлацијата во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците за животот во следните групи: транспорт за 4.8%, рекреација и култура за 1.7%, ресторани и хотели за 0.4%, облека и обувки за 0.2%, разновидни стоки и услуги за 0.1%.

Трошоците  за животот во групите: алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година бележат раст од 1.2%, објави ДЗС.

ИЗДВОЕНИ