Македонското таеквондо доби нов повод за гордост откако Ведрана Тунески, членка на ТК Бутел, освои сребрен медал на европското гран-при (Е6). Таа настапи во кадетска конкуренција, во категоријата до 51 килограм, каде што блесна со три победи против ривалките од Франција, Турција и од Кипар.

Со одличните настапи, таа се избори за пласман во големото финале, во кое го освои сребрениот медал во исклучително силна европска конкуренција.

Овој резултат претставува значаен успех за македонското таеквондо, особено ако се земе предвид дека станува збор за олимписки спорт и за натпреварување на високо европско ниво. Освоеното одличје е потврда за квалитетот и за потенцијалот на младата Тунески, која продолжува да се докажува на меѓународната сцена.

Дополнително, сребрениот медал ѝ донесе нови 32 бода и директен пласман на финалното гран-при.

Со овој успех, таа отвора нова страница во својата спортска кариера и најавува дека македонското таеквондо има сериозен потенцијал за нови меѓународни достигнувања.

ФОТО: Македонска таеквондо федерација

ИЗДВОЕНИ