Украинската тенисерка Елина Свитолина објави на Инстаграм дека нејзиниот брак со францускиот тенисер Гаел Монфис завршува. Во опширна објава, таа зборуваше за своите внатрешни борби, влијанието на војната во нејзината татковина и потребата повторно да се пронајде себеси.
Свитолина и Монфис се запознаа во Париз во 2018 година, се венчаа во 2021 година, а една година подоцна ја добија ќерката Скај
„Ова е најтешкото нешто што некогаш сум морала да го споделам. Сите знаат колку Украина ми значи. Она за што ретко зборував е што војната ми направи на внатрешен план“, напиша Свитолина.
Таа се потсети дека минатата година направила пауза од тенисот бидејќи емоционално не била добро.
„Она што не го видовте беа беспаните ноќи, сомнежите и чувството дека полека се губам себеси. Гаел гледаше сè. Никогаш не ја пушти мојата рака. Долго време се боревме заедно, со сите сили“, изјави таа.
Сепак, како што објасни, на крајот сфатила дека постојат одредени битки со кои мора да се соочи сама.
„Некои битки се одвиваат длабоко во вас и ниедна количина љубов од друга личност не може да ги добие наместо вас. Сфатив дека треба да го најдам патот назад кон себе и дека не можам да го сторам тоа во рамките на нашиот брак. Ова е најтешката вистина со која морав да се соочам“, сподели таа.
Свитолина истакна дека Монфис ја сослушал нејзината одлука и го прифатил она што ѝ било потребно
„Гаел ме сакаше и во моите најголеми радости и во најмрачните моменти, а јас го сакав со целото свое срце. Заедно изградивме прекрасен живот и го добивме најскапоцениот подарок – нашата ќерка Скај. Таа секогаш ќе биде на прво место. Нашиот брак завршува, но нашето семејство – не“, напиша таа.
Објавата ја заврши со молба за разбирање.
„Овде нема никого за обвинување. Постојат само двајца луѓе кои длабоко се сакаа, и приказна што добива нова форма. Бараме разбирање и простор што ни е потребен за да заздравиме“, заклучи Свитолина.












