понеделник, октомври 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вештакот на газда Деко обвинет за лажен исказ во друго вештачење, за...

Вештакот на газда Деко обвинет за лажен исказ во друго вештачење, за „Пулс“ тврди дека ги исполнувал сите услови

0

Градежното вештачење на Петре Русески, ангажиран од одбраната во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, отвори низа прашања за пренамената и реновирањето на дискотеката „Пулс“ и неговите стручни заклучоци. Вештакот, и на продолжението од судењето за пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе поради стампедото за спас преку единствената врата, останува на ставот дека немало реконструкција или пренамена, туку само внатрешно ентериерно уредување. Обвинителството, преку вкрстени прашања, ги проблематизира неговите наоди и толкувањето на градежните интервенции.

– Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и дефинитивно се градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот – изјави вештакот Русески.

На укажување од Обвинителството дека Законот за градење не познава термин „градежно-занаетчиски работи”, вештакот рече дека „градежно-занаетчиските работи не се дефинирани во Законот за градење затоа што за нив не е потребно одобрение  овластување и лиценци, а инаку тие се неопходни и се користат за секој предмет”.

Одбраната претходно најави дека ќе побара супервештачење доколку наодите на нејзините вешти лица не се совпаднат со оние на Обвинителството. Законската основа за ново вештачење е предвидена во член 246 од Законот за кривичната постапка. Според оваа одредба, ако во вештачењето има недостатоци или противречности, или се појави сомневање во точноста на даденото мислење, а тие не можат да се отстранат со повторно сослушување на вештаците, по предлог на странките, може да се определи ново вештачење со други вештаци. Претходниот член 245 предвидува дека ако наодот или мислењето се нејасни, нецелосни или противречни сами со себе или со утврдените околности, а недостатоците не можат да се отстранат со сослушување, вештачењето може да го преработат истите вештаци или да се определи ново вештачење со други вештаци.

Во продолжението на вкрстеното испитување, обвинителите Дарко Јакимовски и Наташа Сарамандова ги отворија прашањата за стручната оценка на Русески, но и за неговите претходни ангажмани со други вешти лица. Обвинителите го поврзуваат со обвинение за лажен исказ во друго вештачење.

– Дали заедно со Василка Каевска, Николчо Коцев и со Мирослав Грчев изготвувавте правни вештачења и за „Инкс Дрим” АД Струга, произнесувајќи се на материја за која сте ангажирани да вештачите и во овој предмет?, го праша обвинителот.

– Да, така е. Сите работиме под закон… Инаку 11 вештаци се обвинети за лажен исказ, врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен – изјави вештакот Русески ангажиран од првообвинетиот, Дејан Јованов.

Особено внимание предизвика неговиот одговор за противпожарната функционалност на објектот. Русески потврди дека во своето мислење навел оти оцената за евакуацијата, електричната инсталација, машинската вентилација, паничното осветлување и другите безбедносни услови треба да ја дадат соодветни овластени стручни лица или надлежни органи. Вештакот остана на ставот дека од градежен аспект, објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати не претставувале реконструкција, туку градежно-занаетчиски работи.

– Што се однесува на тоа, дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, реков треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како реагирала градбата… од мој градежен аспект, објектот и материјалите во него не придонеле, не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект, нема последици на пожарот – изјави вештакот.

Одлуката дали ќе се определи ново вештачење е на Судот, по предлог на странките и во согласност со законот. Доколку Судот оцени дека спорните прашања можат да се расчистат со дополнително испитување на вештаците, нема потреба од ново вештачење. Ако, пак, останат неотстранети противречности или сомнежи во точноста на наодите, законот овозможува ангажирање други вештаци.

И на претходното рочиште, вештачењето на Русески и неговите тврдења дека објектот ги исполнувал сите услови предизвикаа реакции од Обвинителството и од семејствата на загинатите. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ