понеделник, октомври 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Вангелина Пармачка од Будинарци меѓу 100. жени херои на ФАО

Вангелина Пармачка од Будинарци меѓу 100. жени херои на ФАО

0

Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е избрана меѓу 100. жени од целиот свет во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) „100 жени херои во агропрехранбените системи и руралниот развој“. На 15 октомври, таа ја претставуваше Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание за својот придонес во земјоделството и за застапувањето за правата на руралните жени.

Таа, заедно со семејството, управува фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење.

– Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство – изјавила таа.

Покрај работата на фармата, Пармачка е членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), каде што се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени и за унапредување на нивните права.

– Жените фармери се невидливи потпори на селото и на државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува – нагласила Пармачка.

Преку заедничкото дејствување, жените фармери придонеле за воведување посебна мерка за поддршка на нивните инвестиции во Програмата за рурален развој, како и за воспоставување програма за социјална сигурност на жените што вршат земјоделска дејност, вклучително и напори за регулирање на породилното отсуство за регистрираните земјоделки.

Признанието е дел од иницијативата на ФАО во рамките на Меѓународната година на жената земјоделец 2026, прогласена од Обединетите нации, со цел да се истакне придонесот на жените во производството на храна и во развојот на руралните заедници.

Од ФАО посочуваат дека примерот на Пармачка ја истакнува улогата на македонските земјоделки во развојот на семејните стопанства и во застапувањето за подобри услови за работа и живот во руралните средини.

ИЗДВОЕНИ