Три супертанкери за нафта поминаа низ Хормускиот Проток во саботата и покрај неуспехот на разговорите во Исламабад, објави денес „Скај њуз“, наведувајќи дека тие се првите танкери што го напуштија Персискиот Залив откако САД и Иран постигнаа договор за прекин на огнот.
Сепак, стотици танкери остануваат заглавени во Персискиот Залив, надевајќи се дека ќе излезат за време на двонеделниот период на прекин на огнот.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) синоќа предупреди дека секој обид на воени бродови да поминат низ Хормускиот Проток ќе наиде на „силен одговор“, објавија иранските медиуми.
Според иранската државна телевизија, повикувајќи се на соопштение од морнарицата на Исламската револуционерна гарда, Иран „целосно и ефикасно го контролира Хормускиот Проток“.
Како дел од примирјето договорено со САД овој месец, Иран објави дека ќе го ограничи бројот на бродови што минуваат низ Хормускиот Проток на околу дванаесет дневно и ќе наплаќа патарина, иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето бара целосно отворање на Протокот.
Според брокерите и бродските компании, сопствениците на бродови од Грција, Кина, Индија и Пакистан преговараат за премин низ Хормус со Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ), објави претходно Ројтерс.
Цената за премин, која мора да се договори однапред, наводно достигнува два милиони долари за супертанкерите.












