Новата сценска адаптација на „Три сестри“, по текст на Васил Христов и режисерката Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на еден од најзначајните драмски светски класици на Чехов. Според Витошевиќ, ако копнежот кај Чехов е Москва, во нејзината претставата копнежот е за нов почеток и како да се почне од почеток
„Три сестри“ е претставата која по мотиви на истоимената драма на рускиот драматург Антон Павлович Чехов, а во режија на Нела Витошевиќ, премиерно ќе биде изведена на 25 септември, со почетокот од 20 часот во Македонскиот народен театар. Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и режисерката Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на еден од најзначајните драмски светски класици.
„Ние не го поставуваме текстот „Три сестри“ од Чехов. Тој ни послужи само како инспирација. Зедовме некои мотиви кои ни беа интересни и создадовме еден нов драмски текст“, рече режисерката Витошевиќ на денешната средба со новинарите, истакнувајќи дека новиот текст претставува современа егзистенцијалистичка драма.

„Нашиот текст оперира со брз, динамичен дијалог од една страна и внатрешни, длабоки психолошки интроспекции од друга. Идејата беше да создадеме силни карактери и преку нивните лични кризи да проговориме за општествените кризи. Она што мене ме интересираше да го истражувам денес е изгубеноста на поединецот во современото општество и да се занимавам со причините. Па така во процесот си поставувавме прашања: зошто денешниот човек постојано има потреба да почне одново, зошто постојано живее во еден балон на очај, нереализираност, несреќа, кои се причините за тоа, дали причините треба да ги бараме во нас самите, дали треба да ги бараме во општеството и во механизмите што нè газат и колку минатото и траумите од минатото влијаат на таа состојба“, посочи Витошевиќ додавајќи дека во центарот на претставата се карактери со нивните утнати животи, со нивните погрешни одлуки, кои едноставно постојано шетаат во лавиринт.
– Преку таа галерија на девет ликови (едно семејство и нивните блиски) гледаме еден личен распад, меѓутоа и еден општествен распад, во кој има ерозија на хуманизмот и постепено потиснување на интелигенцијата во општеството денес, вели таа.
Како што додаде, ако копнежот кај Чехов е Москва, во нејзината претставата копнежот е за нов почеток и како да се почне од почеток.
– Копнеж за промена, да го сменам системот, да го сменам сопствениот живот и потреба да излезам од сопствената кожа и од таа верзија од себе која не ми се допаѓа. Затоа што мислам дека капитализмот направи некоја верзија од луѓето што и на самиот поединец не му се допаѓа кога ќе се погледне во огледалото. И тоа нè тера да го извадиме најлошото од себе, затоа и ликовите го вадат најлошото од себе, но во исто време, сепак, постои љубов која е како некаква надеж дека мора да се продолжи понатаму“, рече Витошевиќ.
Во претставата, улогите ги толкуваат Дарја Ризова (Ирина), Наталија Теодосиева (Маша), Верица Недеска (Олга), Дамјан Цветановски (Андреј), Благој Веселинов (Александар), Емил Рубен (Иван), Ивица Димитријевиќ (Игор), Нина Деан (Наташа) и Антонио Ташковски (Никола).

Наталија Теодосиева, која ја толкува Маша (една од сестрите), рече дека за разлика од кај Чехов, каде што таа е најстрасната сестра, во претставата е најтажната.
– Таа носи голема траума, сведочејќи на еден многу трагичен настан, и смртта на мајка си ја носи секаде со себе. За да се спаси од таа траума, користи сарказам и цинизам. Не може да гледа кога некој друг е среќен. И по тоа можете да забележите колку е несреќна. Така што, во денешно време, кога некоја девојка би се омажила на 18 години со 30-годишен маж само за да избега од дома, а не поради љубов, туку за да се спаси себеси, тогаш би виделе колку несреќен лик е Маша, вели Теодосиева.
Нина Деан, пак, го толкува ликот на Наташа.
– Гледано од нејзина перспектива, Наташа е апсолутно во право за сè што прави. Можеби таа не е интелектуалка како трите сестри, не е толку софистицирана, елоквентна, и јазикот не ѝ е баш рафиниран, ама пораката ѝ е сосема оправдана. Замислете да живеете со трите сестри на мажот дома, вели Деан, објаснувајќи го ликот за жената на Андреј, брат на трите сестри Ирина, Маша и Олга.
Актерот Дамјан Цветановски кој го игра Андреј, вели дека неговиот лик не отстапува многу од драмата на Чехов.
– Мислам дека истите проблеми за кои пишувал тогаш Чехов се и денес мошне присутни, така што не беше многу тешко да се извлече паралела. Во нашиот текст има поголем наративен сегмент што ни дозволува да ги чуеме внатрешните мисли на ликовите, што мислам дека е голем квалитет на претставата, рече Цветановски.
Младиот актер, гостин во МНТ, Антонио Ташковски, пак, кој го толкува Никола рече дека во претставата ѝ е партнер на Дарја Ризова, за што е многу среќен.
– Ризова е актерка од која може многу да се научи, која ми дава многу простор и ова беше одлично искуство за мене, додаде тој.
Сценографијата е на Игор Васиљев, костимографка е Роза Трајческа, а композитор е Огнен Анастасовски. Со премиерата на оваа претстава, Македонскиот народен театар ќе ја почне новата 2026/2027 сезона. (Н. И. Т.) Фото: МНТ












