Грчките медиуми ја пренесуваат шокантната вест дека македонски државјанин ја убил на 45-годишна жена, сопственичка на станот во кој бил потстанар во близина на Ханија на грчкиот остров Крит. Телото на убиената која повеќе од три недели, поточно од 30 мај била пријавена за исчезната, викендов било пронајдено, јави дописничката на МИА од Атина.
За исчезнувањето на жената од селото Агиа кај Ханија, 45-годишната Ставрула Левендаки, на почетокот на месецов беше издаден „missing alert“, а потстанарот во нејзината куќа бил и последниот кој ја видел пред да ѝ се изгуби секаква трага пред три седмици.
Токму затоа уште од самиот почеток се најде во фокусот на полицијата, беше повикан да даде исказ, но на почетокот, негирал секаква поврзаност со исчезнувањето на жената.
Македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за поседување и одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица за случајот со исчезнатата во текот на ноќта, го признал убиството и на полицајците им го посочил местото каде што го закопал телото, кое потоа било пронајдено. Околу причините за убиството, наводно рекол дека со сопственичката се скарале околу состојбата во станот. Признал дека ја убил со нож.
Според информациите, станува збор за 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие.
Во станот на исчезнатата живеел неколку години, во првичните искази пред полицијата, веднаш по исчезнувањето рекол дека на 30 мај, сопственичката го потсетила за да и плати кирија, по што си заминала.
Според полициската истрага, станот и трите возила на македонскиот државјанин, кои иако биле темелно исчистени, сепак биле пронајдени остатоци од крв во станот и едно од возилата.
Станува збор за случај што во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција, со оглед на тоа што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што при исказите пред полицијата негирал каква било поврзаност, туку и даваше изјави за медиумите пренесувајќи ги неговите ставови и префрлајќи ја вината врз други.












