Тројца мажи кои чекаат смртна казна во Тенеси, Алабама и Оклахома денеска треба да бидат погубени со смртоносна инјекција. Доколку се извршат сите три егзекуции, тоа ќе биде прв пат по повеќе од 16 години три лица да бидат погубени во Соединетите Држави на ист ден.
Последниот таков случај во Соединетите Држави се случи во јануари 2010 година.
Во Тенеси, треба да биде погубен 66-годишниот Ентони Дарел Хајнс. Тој беше осуден на смрт за убиството на 54-годишната слугинка Кетрин Џин Џенкинс во 1985 година, објави АП. Хајнс ја избодел додека работела во мотел во Кингстон Спрингс. Тој безуспешно се жалел до гувернерот и судовите, наведувајќи ги, меѓудругото, здравствените проблеми при поставувањето на интравенозната линија. Неговата егзекуција доаѓа само три месеци откако Тенеси го запре погубувањето на друг затвореник поради проблеми со интравенозната инфузија.
Потоа гувернерот Бил Ли одобри едногодишно одложување на извршувањето на казната за затвореникот Тони Карутерс.
Во Алабама, 42-годишниот Џереми Вилијамс треба да биде погубен за силување и убиство на 5-годишната Камари Холанд од Џорџија во 2021 година. Вилијамс се изјасни за виновен и одби да поднесе жалба, барајќи неговата смртна казна да биде извршена. Според обвинителите, Вилијамс го силувал и задавил девојчето откако ѝ понудил на нејзината мајка 2.500 долари за да изврши сексуален чин врз детето.
Доколку биде извршена, тоа ќе биде првата егзекуција во Алабама оваа година.
Егзекуцијата со азотен оксид во државата беше прекината во јуни откако федерален судија го прогласи методот за неуставен.
Во Оклахома, 70-годишниот Карлос Куеста-Родригез треба да биде погубен со смртоносна инјекција откако беше осуден за убиство на својата девојка, Олимпија Фишер, во Оклахома Сити во 2003 година.
Според обвинителите, Куеста-Родригез ја застрелал откако таа одлучила да го напушти. Куеста-Родригез изјави дека жали за убиството и не побарал помилување. Државниот Одбор за помилување и условна слобода минатиот месец гласаше со три спрема еден против препораката за помилување.
Доколку се извршат сите три егзекуции, тоа ќе биде прв пат од 7 јануари 2010 година, три лица да бидат погубени на ист ден во Соединетите Американски Држави.
Во тоа време, егзекуции беа извршени во Луизијана, Охајо и Тексас.
Три егзекуции беа закажани за ист ден во 2018 година, но беше извршена само една.
Three states — Alabama, Tennessee, and Oklahoma — are set to execute inmates on the same day. This is the first time this has happened in the United States since 2010. https://t.co/Z3T6Xl9Nox pic.twitter.com/0491zxtADL
— WFLA NEWS (@WFLA) August 12, 2026












