четврток, август 13, 2026
Дома СВЕТ Единствената антивоена партија во Русија тргната од гласачкото ливче, причината е бизарна:...

Единствената антивоена партија во Русија тргната од гласачкото ливче, причината е бизарна: кршење авторски права

1
EPA/SERGEI ILNITSKY

Партијата е елиминирана од изборите што треба да се одржат за едењн месец затоа што во кампањата користела цитат од песната „Нека секогаш има сонце“, како и зборовите „Само да немаше војна“ без да побара дозвола од носителот на авторските права, објавила фотографија од Медведев, без негово одобрување, а ги повредила и правата на компанијата „Опен АИ“, зашто на својата веб-страница ставила слика генерирана со користење „Чет џи-пи-ти“. Истражување покажа дека рејтингот на Јаблоко на крајот од јули бил 9,38 %, што значи дека таа би влегла во Парламентот

 

Режимот на рускиот претседател, Владимир Путин, не ѝ остава ништо на случајноста, па на партијата Јаблоко, единствената во Русија што се противи на војната во Украина, ѝ е забрането учество на парламентарните избори што ќе се одржат за еден месец. Работата ја заврши Врховниот суд на Русија со прифаќање на административната тужба поднесена од партијата Родина за отстранување на Јаблоко од федералниот список за изборите за Државната дума. Тужбата ја поднесе претседателот на Родина, Алексеј Журавлев, според кого партијата Јаблоко е виновна за финансиски прекршоци, повреда на авторски права и „знаци на екстремизам“. Всушност, режимот на Путин го искористи Врховниот суд за да ја отстрани единствената регистрирана федерална промировна партија од гласачкото ливче.

А пресудата е бизарна. Партијата е елиминирана затоа што во кампањата користела цитат од песната „Нека секогаш има сонце“, како и зборовите „Само да немаше војна“ без да побара дозвола од носителот на авторските права. Второ,  објавила фотографија од заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, без да побара дозвола за тоа, а ги повредила и правата на компанијата „Опен АИ“, зашто на својата веб-страница ставила слика генерирана со користење „Чет џи-пи-ти“. За судот спорна е и објавената фотографија од филмот на Сергеј Бондарчук „Војна и мир“ од 1967 година, зашто „претставува повреда на правата на наследникот, Мосфилм“. Дополнително, обвинителите тврдеа дека во кампањата е забележано „значително зголемување на информативната активност“ поврзана со Јаблоко, вклучително и на платформите на „странски агенти“, иако лидерот на Јаблоко, Григориј Јавлински, го негираше ова, а тужбата не содржеше никакви докази за такво плаќање. Сепак, судијата Вјачеслав Кирилов ја прифати тужбата и ја отстрани партијата од изборниот список.

Одлуката на Судот сè уште не стапила во сила, а Јаблоко најави жалба, иако знае дека нема шанси, бидејќи Кремљ не ѝ дозволува на опозицијата да работи, без разлика колку е слаба. Последен пат партијата Јаблоко влезе во Државната дума во кампањата во 1999 година, кога освои 5,93 % од гласовите, а на парламентарните избори во 2021 година, освои само 1,34 % од гласовите. Сепак, „Независимаја газета“, повикувајќи се на истражувањето на социолошкиот центар, објави дека рејтингот на Јаблоко на крајот од јули бил 9,38 %, што значи дека таа би влегла во Парламентот. Затоа рускиот режим неодамна почна да ги прогласува истакнатите членови на Јаблоко за „странски агенти“, по што тие го загубија правото на глас. Некои од водечките членови поминаа најлошо, како што е Лев Шлосберг, кој беше вклучен во регистарот на „терористи и екстремисти“ и е во притвор под обвинение за ширење „лажни вести“ за армијата, додека Максим Круглов беше осуден на седум години затвор во јуни за истото обвинение. Јулија Навални, сопругата на соборениот лидер на опозицијата Алексеј Навални, и многу други протерани руски опозициски личности ги повикаа Русите да ја поддржат партијата Јаблоко. Но, партијата им рече да не се мешаат, објаснувајќи дека во сегашните околности тоа само ги зголемува заканите за нејзините членови.

Опишувајќи ја атмосферата на судењето, „ Независимаја газета“ објави дека во девет часот изутрината, пред зградата на Врховниот суд почнал да се собира народ, а до судењето имало неколку стотици, претежно млади луѓе.

– Многумина се познаваат, други првпат се гледаат. Но, пред Судот се стационирани и неколку полициски автомобили. Набргу потоа пристигнува полициско комбе. Тие се собрани под стража: полицаец во цивилка ги снима со телефон. Лицето му е скриено со бела маска, а очите му се покриени со црни очила – наведе весникот.

ИЗДВОЕНИ