четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Трговците вложија милиони во нафта пред Трамп да објави дека се преговара...

Трговците вложија милиони во нафта пред Трамп да објави дека се преговара со Иран, па цената падна – Белата куќа негира „инсајдерски“ информации, но аналитичарите се крајно сомничави

171
EPA/SARAH YENESEL

Објавата на Трамп беше пред отворање на берзите, во 07:04 часот, а 15 минути претходно, во 06:49 часот по источно време, трговците дадоа 733 облози на договори за сурова нафта ВТИ. Тој број една минута подоцна скокна на 2.007. Според „Блумберг“, номиналната вредност на трансакциите со нафта во понеделникот била неверојатни 580 милиони долари, а портфолио менаџер за „Блумберг“ изјави дека „некој штотуку стана многу побогат“. Претседателот на иранскиот парламент изјави дека лажни вести се користат за манипулирање на финансиските и нафтените пазари, како и за бегство од мочуриштето во кое се заробени САД и Израел.

 

Дали војната со Иран е инструмент на американскиот претседател Доналд Трамп за манипулации со цените на нафтениот пазар? Според податоците што ги пласираат релевантни светски медиуми, случувањата околу последниот пад на цената на нафтата на светските берзи го потврдуваат токму тоа.

Неколку медиуми објавија податок дека нафтата, во понеделникот, поевтини благодарение на тоа што трговците побрзале да ја купат на берзите 15 минути пред понеделничката објава на Трамп дека се одложуваат нападите на иранската енергетска инфраструктура и дека се водат продуктивни разговори со Иран за крај на војната. Ова го отвора прашањето дали некој однапред знаел дека Трамп ќе објави информација на која реагираат берзите. Би-би-си наведува дека пред објавата, трговците со нафта вложиле стотици милиони долари во нови договори, што резултираше за само неколку минути цената на нафтата да падне за цели 14 проценти. Објавата на Трамп беше пред отворање на берзите, во 07:04 часот, откако 15 минути претходно, во 06:49 часот по источно време, трговците склучија 733 облози на договори за сурова нафта ВТИ на Њујоршката стоковна берза Нимекс. Една минута подоцна, тој број скокна на 2.007. Тоа е еднакво на околу 170 милиони долари. Истиот модел може да се види кај трговците кои купуваа договори за сурова нафта од типот „Брент“, другиот главен референтен нафтен ценовник. За една минута, обемот на тргувања се зголеми од 20 на повеќе од 1.600. Тоа се околу 150 милиони долари во договори. Податоците за претходните понеделници покажуваат дека во тој период од денот вообичаено се прават многу помалку тргувања.

Според „Фајненшел тајмс“, приближно 6.200 фјучерси за нафта „брент“ и „западен тексас интермедијар“ (ВТИ) се смениле во понеделник помеѓу 6:49 и 6:50 часот наутро по њујоршко време. Според пресметките на весникот, врз основа на податоците на „Блумберг“, номиналната вредност на овие трансакции била неверојатни 580 милиони долари. Не е познато дали зад нив стои едно лице, повеќе лица или институција, но времето се смета за исклучително сомнително. Пазарните стратези и менаџерите на хеџ-фондови изразуваат отворена фрустрација. Еден портфолио менаџер изјави за „Фајненшал тајмс“ дека ова е само една во низата сомнителни трансакции што се случуваат непосредно пред официјалните објави на американската влада.

–Моето чувство, откако ги следев пазарите 25 години, е дека ова е навистина ненормално. Понеделник наутро е, денес нема големи економски податоци… Ова е невообичаено голема трансакција за еден ден без ризик од голем настан. Некој штотуку стана многу побогат, рече тој.

Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, брзо ги отфрли сугестиите за „инсајдерско“ тргување.

– Белата куќа не толерира ниту еден функционер на администрацијата да се збогатува нелегално врз основа на внатрешни информации, а секоја сугестија за таква активност без докази е неосновано и неодговорно известување, рече Десаи, додавајќи дека единствениот фокус на Трамп е на она што е најдобро за американскиот народ.

Сепак, ситуацијата стана уште покомплицирана подоцна истиот ден, кога претседателот на иранскиот парламент, Мохамед-Багер Галибаф, се огласи на социјалните мрежи за да негира дека се одржале какви било разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

– Лажни вести се користат за манипулирање на финансиските и нафтените пазари, како и за бегство од мочуриштето во кое се заробени САД и Израел, рече тој.

Неговото негирање предизвика нов шок на берзите, намалување на цените на акциите и обновено купување на енергетските пазари. Иако некои експерти, како што е Тим Скироу од консултантската куќа „Енерџи аспектс“, веруваат дека обемот на тргување, иако поголем од вообичаениот за тој период од денот, „не е претерано голем“, многумина на Волстрит сè уште не ја исклучуваат можноста за сериозна манипулација на пазарот.

ИЗДВОЕНИ