Апелациониот суд во Париз започна истрага против поранешниот шеф на Агенцијата за контрола на границите на Европската унија („Фронтекс“), Фабрис Леџери, за наводно соучество во злосторства против човештвото.
Ова денес го соопшти судски извор.
Леџери поднесе оставка од агенцијата на ЕУ „Фронтекс“ во 2022 година по обвинувањата од групите за човекови права дека агенцијата злоупотребувала мигранти на надворешните граници на ЕУ под негово водство, што наводно започнало во 2015 година, на врвот на мигрантската криза во Европа, објави „Ројтерс“.
Леџери, сега пратеник на десничарската партија Национален собир на Франција, долго време ги негираше обвинувањата.
Доколку обвинителите се обидат да покренат обвинение против него, тие ќе мора да побараат укинување на неговиот имунитет како член на Европскиот парламент, што би барало гласање во собранието.
Парискиот суд одлучи да ја отвори истрагата на 18 март откако Француската лига за човекови права (ЛДХ) и групата за права на мигрантите Утопија 56 поднесоа жалба на претходната одлука на истражен судија за отфрлање на нивниот случај против Леџери.
Двете групи го обвинија Леџери дека ги охрабрува агентите на Фронтекс да им помагаат на либиските и грчките власти да пресретнуваат бродови со мигранти за да ги спречат мигрантите да влезат во ЕУ.
Апелациониот суд пресуди дека постојат основи за отворање судска истрага и ја оцени жалбата како „делумно основана“, изјави судски извор за „Ројтерс“.
Првичното барање за истрага против Леџери беше поднесено во 2024 година, изјави претседателката на ЛДХ, Натали Течио, пренесе „Бета“.












