Апликацијата е наменета за секој човек што сака да вози велосипед, без разлика на тоа колку често го користи. Според креаторот Бојан Манески, апликацијата има главно три цели: велосипедистите да си помогнат едни на други; да се мотивираат сите оние што имаат велосипед, но не се осмелуваат да го користат доволно често, да почнат да го користат како превозно средство за своите секојдневни потреби – за одење на работа, училиште, до продавница или за други дневни рутини, но и да им се помогне на оние што сè уште немаат велосипед, преку совети и корисни информации, полесно да го изберат и набават својот прв велосипед и да почнат да го користат

Бојан Маневски (35) е креаторот на првата мобилна апликација за велосипедисти кај нас, „Травелерс сајклинг Маседонија“, која e дел од Travelers.mk, веб-платформа за патување и прикажување на убавините и богатствата, првично на Македонија.
Тој вели дека оваа апликација од самата платформа произлегла точно пред шест години, во периодот на карантинот во текот на пандемијата од корона вирусот.
– Тоа беше период кога луѓето, можеби повеќе од кога било, почнаа да ги препознаваат вистинските вредности во животот: времето поминато со семејството и со најблиските, прошетките во природа, но и возењето велосипед. Многумина, по многу долга пауза, зпрвпат набавија велосипед или повторно почнаа активно да возат. Токму за тие луѓе, на почетокот, ја создадовме апликацијата: да им помогнеме полесно и посигурно да се снаоѓаат додека возат – вели Манески за тоа како произлегла идејата за оваа апликација.
Тој додава дека работењето на апликацијата почнало со мапирање на велосипедските патеки и на паркинзите, но од тој момент таа постојано се надградува со нова функционалност.
– Идеите најчесто произлегуваат од нашето секојдневно користење на велосипедот како превозно средство и за рекреација. Додека возиме, се соочуваме со различни ситуации и потреби и токму од нив произлегуваат новите идеи за функционалност. Моментално на мапата се прикажани локациите на воздушните пумпи, сервисните точки за самопоправка на велосипедот, фонтаните и чешмите покрај патеките, препреките каде што е потребно внимание, јавните тоалети, како и самоуслужните сервиси за миење, кои особено се корисни по возење при дожд или во кал. Имаме и таканаречени безбедни точки, локации каде што може да се засолни велосипедистот доколку го зафати силно невреме. Тоа најчесто се трговските центри и другите локации со цврст покрив каде што може безбедно да се почека да заврши невремето – информира креаторот на апликацијата.
Воедно, на апликацијата е прикажана и позицијата на сонцето, со цел велосипедистот однапред да може да предвиди која патека во одреден период би имала повеќе сенка.
– Развивме и функционалност за следење на временската прогноза, од која произлегува и функционалноста за препорака на облека. Особено би ја истакнал оваа функционалност, бидејќи сметаме дека може да се вози велосипедот во текот на целата година доколку сме соодветно облечени. Врз основа на моменталната временска состојба, од нашата база се пресметуваат препорачаните видови облека, со цел ниту да ни биде премногу топло во летните денови ниту премногу студено во зимските. Моментално препораките се базираат на нашите статистички податоци и параметри, но во иднина планираме секој корисник да може да креира сопствен профил, со што препораките би биле уште попрецизни, бидејќи секое тело реагира различно на временските услови – потенцира Манески.
Тој додава дека, покрај функционалноста, на апликацијата може да се најдат и совети и новости од велосипедскиот свет.
– Оваа функционалност произлезе од искуствата што ги имаме и самите додека возиме, особено кога возиме рекреативно надвор од градските средини. Идејата е корисниците што возат велосипед, доколку наидат на агресивни, пуштени кучиња, да може да ни пријават каде се случила ситуацијата. Ние потоа ги разгледуваме пријавите и ги мапираме на апликацијата. Податоците за една локација остануваат видливи една година од последната пријава за неа. Доколку нема нова пријава во тој период, мапираната локација се отстранува. Важно е ова затоа што се менува состојбата на теренот. Целта не е трајно да биде означена некоја локација како опасна, туку велосипедистите да имаат свежа информација дека таму неодамна биле забележани агресивни кучиња. На тој начин, доколку е можно, може да изберат друга маршрута, а доколку не може да ја избегнат, барем однапред да знаат дека треба да бидат особено внимателни – наведува Манески.
Исто така, апликацијата има можност за пријавување проблеми на велосипедската мрежа.
– На апликацијата имаме неколкумина доброволци што имаат право да пријавуваат проблеми. Доколку наиде некој на каква било препрека или неисправност, на пример, често паркирани возила на велосипедската патека, паднати дрвја, нерасчистени гранки, остатоци од стакло, дупки на патеката или друг проблем, може да внесе во апликацијата. Пријавите потоа ги разгледуваме, а доколку добиеме поголем број пријави за одреден проблем, реагираме до надлежните институции или служби од таа област. Функционалноста намерно е ограничена на потесен круг велосипедисти, бидејќи сакаме да имаме што е можно порелевантни и поверодостојни податоци. На овој начин сакаме да избегнеме мапата да се претвори во место каде што секој може да внесе произволна информација без да има реално искуство со ситуацијата на терен – дециден е Манески.
Според него, апликацијата има, главно, три цели.
– Првата е да си помагаме едни на други. Преку прибирање податоци, како од нас така и од корисниците на апликацијата, ги мапираме информациите и на тој начин им го олеснуваме возењето на другите велосипедисти. Втората цел е да ги мотивираме сите оние што имаат велосипед, но не се осмелуваат да го користат доволно често, да почнат да го користат како превозно средство за своите секојдневни потреби – за одење на работа, училиште до продавница или за други дневни рутини. И третата цел е да им помогнеме на оние што сè уште немаат велосипед, преку совети и корисни информации, полесно да го изберат и набават својот прв велосипед и да почнат да го користат – објаснува Манески.
Инаку, апликацијата е наменета за секој човек што сака да вози велосипед, без разлика на тоа колку често го користи.
– На оние што секојдневно го користат велосипедот за одење на работа, училиште или за други обврски, апликацијата им нуди дополнителни информации што може да им го олеснат секојдневното возење. За оние што повремено возат рекреативно, сакаме да биде дополнителна мотивација да возат почесто. За оние што воопшто не користат велосипед, сакаме да биде поттик да почнат. А на оние што често возат рекреативно, сакаме да им помогнеме полесно да ги пронаоѓаат патеките, локациите и информациите што им се потребни – потенцира Манески.
Во моментот, како што истакна Манески, се работи на една покомплексна функционалност: мапирање на дрвјата и на зградите покрај патеките, со цел апликацијата да може да пресмета колкав дел од одредена велосипедска патека во даден период е под сенка.
– На тој начин велосипедистот во иднина би можел да избере помеѓу две различни маршрути, не само врз основа на должината или условите на патеката туку и според тоа која од нив во моментот има повеќе сенка. Покрај тоа, веќе подолго време работиме и на мобилна апликација за iOS- корисниците. Се надеваме дека наскоро ќе биде достапна и за нив, со што „Травелерс сајклинг“ ќе биде целосно достапна за корисниците на двете најголеми мобилни платформи – заклучи Манески.
Инаку, апликацијата се состои од веб-апликација и од мобилна апликација. Мобилната апликација е достапна само за андроид-корисниците и може бесплатно да се симне и користи од „Гугл плеј стор“, додека за iOS-корисниците, додека не стигне мобилната апликација, се препорачува да ја користат веб-апликацијата https://cycling.travelers.mk.
(А. П.)












