среда, август 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПОРАДИ ВЛОШУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА: Пациент од Охрид префрлен за интервенција во...

ПОРАДИ ВЛОШУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА: Пациент од Охрид префрлен за интервенција во Берлин, ќе чека и на трансплантација на срце

312

Влошувањето на здравствената состојба било причината поради која пациентот Д. Н. од Охрид, кој повеќе години чека на трансплантација на срце, денеска со владиниот авион е транспортиран во Универзитетскиот клинички центар во Берлин, Германија. Владините извори, на денешниот брифинг, информираа дека во случајот бил потребен итен третман.

– Пациентот претходно подолго време се лекувал на Клиниката за кардиохирургија и бил квалификуван за трансплантација на срце. Поради влошување на неговата здравствена состојба и потребата од итен третман, а поради недостаток на соодветен органодарител во земјава, итно е поведена постапка за лекување во странство – соопштија владините извори.

Транспортот е реализиран преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и со поддршка од Министерството за здравство.

– Германскиот медицински центар го прифати пациентот за стабилизација и подготовка за оперативниот зафат, каде што сега се чека појавувања на соодветен органодарител за да се изврши трансплантацијата на срце – наведуваат истите извори.

Според неофицијалните извори на весникот ВЕЧЕР, пациентот од Охрид веќе седум години чека трансплантација на срце. Досега, тој користел две вештачки пумпи наменети за левата и за десната срцева преткомора. Нашите извори наведуваат дека, најверојатно, се влошила состојбата околу аортната валвула и поради што станало неопходно да се изврши вградување на вештачката. Влошувањето на состојбата на другите органи е чест случај кај пациентите кои имаат вештачки пумпи за срце. Во земјава, трансплантација на срце чекаат вкупно 29 пациенти. Весникот ВЕЧЕР неодамна објави дека само од почетокот на годинава, починале четворица пациенти со вештачко срце, а кои повеќе години чекале пресадување. Проблемот е што тешко се обезбедува орган за трансплантација. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ