Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека САД преговараат со Иран додека војната влегува во третата недела, но дека Техеран не е подготвен за договор за нејзино завршување.
„Да, разговараме со нив“, им рече Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, без да образложи за природата на таквите разговори, кога беше прашан дали се во тек некакви дипломатски дејствија за завршување на конфликтот што се прошири низ Блискиот Исток и ги потресе глобалните пазари.
„Сепак, не мислам дека се подготвени. Но, тие се доста блиску“, рече Трамп.
Министерот за надворешни работи на Иран претходно негираше дека се водат какви било разговори со САД.
Трамп рече дека не е сигурен дали сака да постигне договор за завршување на војната „затоа што пред сè, никој не знае со кого си имаш работа, бидејќи поголемиот дел од нивното раководство е убиено“.
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, и десетици други ирански функционери беа убиени на првиот ден од нападите на САД и Израел на 28 февруари.
Трамп, сепак, инсистираше дека „тие силно сакаат да постигнат договор“.
Министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека Иран не е заинтересиран за разговори со САД, оспорувајќи го ставот на Трамп.
„Ние сме доволно стабилни и силни. Ние само го браниме нашиот народ“, изјави Арагчи во емисијата „Face The Nation“ на Си-Би-Ес во интервју емитувано во недела.
„Не гледаме никаква причина зошто треба да разговараме со Американците, бидејќи разговаравме со нив кога решија да нè нападнат. Нема добро искуство во разговорите со Американците“, рече иранскиот министер за надворешни работи, објави АФП.












