Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, изјави дека никој не знае кој управува со Иран за време на американско-израелската војна против таа земја, која трае веќе осум месеци.
„Нивните лидери исчезнаа, исчезна и втората гарнитура лидери, а најголемиот проблем е што никој, за волја на вистината, не знае кој ја води државата“, рече Трамп.
Од друга страна, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, во неделата изјави дека Вашингтон многу добро знае кој му е соговорник во Иран и како функционира системот на донесување одлуки во оваа земја.
„Проблемот е всушност спротивен: лежи во контрадикторните ставови и нејасните пораки на американските официјални лица“, рече Есмаил Багаеи на прес-конференција.
Врховниот водач на Иран, Али Хамнеи, загина на првиот ден од војната, која започна на 28 февруари. Го наследи неговиот син Моџтаба Хамнеи, кој не е виден во јавноста откако беше повреден во нападот во кој загина неговиот татко.
Иран одговори на нападите со сопствени удари врз Израел и заливските држави во кои се наоѓаат американски воени бази. Американско-израелските удари врз Иран и израелските напади врз Либан однесоа илјадници животи и предизвикаа раселување на милиони луѓе.
Судирот предизвика и нагол раст на цените на бензинот и дизелот, што претставува голем политички ризик за Републиканската партија на Трамп во пресрет на ноемвриските избори за американскиот Конгрес. Поради високите трошоци за живот и нестабилните проценки за времетраењето и целите на војната што ги изнесува во јавноста, популарноста на Трамп моментално се наоѓа на рекордно ниско ниво.












