НАСА објави видео од изгрејсонцето на површината на Марс, направено од нејзиниот ровер „Кјуриосити“. На снимката се гледа како сончевата светлина ги осветлува карпестите врвови формирани пред повеќе милијарди години, додека роверот со големина на автомобил го продолжува своето истражување на Црвената Планета.
Роверот „Кјуриосити“ слета на Марс во 2012 година, во кратерот Гејл, во близина на марсовскиот екватор. Од 2014 година тој се искачува по планината Шарп, висока околу пет километри, која се издигнува од дното на кратерот.
Снимката е направена со камерата Mastcam околу еден час по изгрејсонцето. Во далечината се гледаат карпести гребени и карпи кои се обликувани од ветерот.
„Светлите карпести врвови во далечината припаѓаат на слој карпи кој по својот изглед прилично се разликува од сите слоеви низ кои роверот досега поминал. Сметаме дека некогаш бил составен од седимент донесен од ветерот, можеби песок, а можеби дури и пепел кој доспеал во кратерот како резултат на блиска вулканска активност“, изјави научникот Ешвин Васавада од Лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој е задолжен за мисијата „Кјуриосити“.
Според неговите зборови, откако седиментот се претворил во карпа, ветерот во текот на милиони години го обликувал нејзиниот површински слој во гребени познати како јарданзи.
📍Gale Crater, Aug. 11, 2026, 8:30 a.m. local Mars time.
The Curiosity rover captures the Sun rising on crags known as yardangs, a scene that scientists have long been waiting to see up close. 1/2 pic.twitter.com/NJQH9yNEYR
— NASA Mars (@NASAMars) October 6, 2026
Се смета дека овој слој настанал пред околу три милијарди години и дека се простира на околу 16 километри долж северозападниот дел на планината Шарп. Научниците веруваат дека тој најверојатно не е дел од непрекинатиот низа слоеви од кои е составена планината, туку дека настанал нешто подоцна, над геолошки дисконтинуитет – период во кој претходните слоеви еродирале пред преку нив да се наталожат нови.
За време на постепеното искачување на планината, роверот совлада висинска разлика поголема од еден километар, што е најголемата висина што ја достигнал некој ровер досега на Марс, соопшти НАСА.
Планината Шарп се состои од слоеви карпи кои чуваат траги од различни периоди од геолошкото минато на Марс. Проучувајќи ги тие слоеви, научниците дознаа повеќе за езерата и потоците кои некогаш го прекривале овој дел од планетата, во време кога Марс бил потопол и повлажен од денес.
НАСА се надева дека „Кјуриосити“ ќе стигне до слојот јарданзи во 2027 или 2028 година, кога неговите инструменти детално ќе го проучат неговиот геолошки состав.
Васавада ја опиша новата снимка како глетка која го потсетува на патување низ Долината на спомениците во американската сојузна држава Аризона. Сепак, портокаловото небо и синкавите нијанси на изгрејсонцето јасно покажуваат дека станува збор за Марс.












