Семејствата на илјадниците луѓе кои сè уште се водат како исчезнати во Непал – неколку недели по катастрофалните поплави – имаат измешани чувства по владината објава оваа недела дека се прекинува потрагата по жртвите.
Кабинетот на премиерот Балендра Шах во понеделникот одлучи да ги заврши операциите за пребарување на жртвите од поплавите од 26 август. Властите отсега ќе се фокусираат на санација и обнова, особено на патиштата и мостовите што беа однесени од поплавите во оддалечените области каде што испораката на помош е отежната.
Спасувачките екипи досега ги извлекле телата на 1.455 лица, но 5.285 сè уште се водат како исчезнати, вклучително и стотици странски државјани.
Владата проценува дека напорите за обнова и санација ќе чинат 4,77 милијарди долари. Поплавите погодија речиси 33.000 луѓе, а околу 7.500 домови беа оштетени или уништени.
Надежта за пронаоѓање преживеани накратко се врати откако на 4 септември двајца непалски работници беа спасени од градилиштето на тунелот за идната хидроелектрана „Тришули“, а два дена подоцна спасувачите таму пронајдоа и еден кинески работник.
Семејствата на жртвите организираа протести барајќи подобра и пообемна потрага.
„Многу сум лута на владата што се откажа од потрагата и не разбирам како можат да го направат тоа кога сè уште постои надеж дека некој од нашите најблиски може да биде пронајден“, изјави Уша Катри, која со денови го барала својот сопруг во повеќе градови долж реката каде што се извлекувале тела.
Таа исто така ги разгледувала и фотографиите од пронајдените тела кои биле привремено погребани додека се чекало нивна идентификација.
„Мораат или да го предадат телото или да дадат цврст доказ дека мојот сопруг е мртов и дури тогаш можат да го прогласат за починат“, рече Катри.
„Нè напуштија, не требаше да ја прекинуваат потрагата“, рече Махеш Шреста, чиј брат бил инженер во хидроелектраната во изградба што беше погодена од поплавата. „Нашето семејство бара да продолжат со потрагата по него“, изјави тој.
Други, пак, ја поздравија одлуката и наведоа дека бараат издавање официјални државни потврди за смрт.
„По толку многу денови и недели, речиси и да нема надеж дека некој ќе биде пронајден жив. Сигурни сме дека никој од нив не преживеа и само сакаме да ставиме точка на сето тоа“, изјави Ниранџан Паудел, кој во поплавата изгуби петмина роднини.
Неколку лица чии роднини сè уште се водат како исчезнати извршија симболични погребни обреди. Кремирањето е важен завршен ритуал во хиндуистичката традиција, а неговото извршување – дури и без телото – на некои семејства им пружа чувство на духовно олеснување.
Паудел рече дека владата досега одбивала да издаде изводи од матичната книга на умрените за исчезнатите, со образложение дека законот тоа не го овозможува. Во Непал, потврдите за смрт се неопходни за семејствата да можат да остварат право на оштета и исплата од осигурување, како и за да можат да наследат имот.












