среда, јули 8, 2026
Дома СВЕТ Трамп: Шансите за постигнување договор со Иран или за бомбардирање се 50:50

Трамп: Шансите за постигнување договор со Иран или за бомбардирање се 50:50

436
EPA/SHAWN THEW / POOL

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп денес изјави дека шансите за постигнување добар договор со Иран или дека земјата ќе биде срамнета со земја се „точно 50:50“.

Како што напиша новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, на платформата „Икс“, Трамп рекол дека веројатно ќе одлучи до недела дали да ја продолжи војната.

Тој рече дека подоцна денес ќе се сретне со своите специјални претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер за да разговараат за најновиот одговор на Иран, а се очекува да присуствува и потпретседателот Џ.Д. Венс.

Според „Аксиос“, Трамп рекол дека ќе прифати само договор што опфаќа прашања како што се збогатувањето на ураниум и судбината на постојните залихи на Иран.

„Мислам дека ќе се случи едно од две работи: или ќе ги погодам посилно отколку што сум ги погодил досега, или ќе склучиме добар договор“, рече Трамп, според „Аксиос“.

Тој призна дека „некои луѓе би сакале да имаат договор, додека други би сакале да ја продолжат војната“, но ги отфрли тврдењата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е загрижен дека може да постигне неповолен договор, објави порталот.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно денес изјави дека е постигнат одреден напредок во спорот меѓу Вашингтон и Иран и дека САД би можеле да имаат „нешто да објават“ за ова прашање во наредните денови.

„Има одреден напредок, дури и додека ви се обраќам сега, работиме на тоа. Постои можност, или подоцна денес, утре или за неколку дена, да имаме нешто да објавиме“, изјави Рубио за новинарите за време на посетата на Њу Делхи, пренесува „Танјуг“.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, претходно изјави дека Иран е во процес на финализирање на меморандум за разбирање со Соединетите Американски Држави.

ИЗДВОЕНИ