Американскиот претседател Доналд Трамп не го одобрил предлогот за 45-дневно примирје во војната со Иран, изјави висок функционер на Белата куќа, објави NBC News.
„Тоа е една од неколкуте опции што се дискутираат, а претседателот не ја одобрил“, рече функционерот, повикувајќи се на претпазливост при толкувањето на информациите за можен договор.
Во последните часови се појавија бројни извештаи за можно примирје. Ројтерс објави, повикувајќи се на извор, дека на Иран и САД им се презентирани двофазни планови, кои прво би вклучувале итно примирје, а потоа и конечен договор.
Предлогот, во кој Пакистан игра важна улога, предвидува и период од 15 до 20 дена за завршување на поширок договор.
Во меѓувреме, други медиуми објавија посебен предлог за 45-дневно примирје, за кое велат дека произлезе од интензивни преговори меѓу САД и Иран.
Дипломатските напори доаѓаат во време кога Трамп го зголемува притисокот врз Техеран. Американскиот претседател му даде рок на Иран повторно да го отвори Ормутскиот теснец, заканувајќи се со напади врз електраните и мостовите доколку не го стори тоа.
Трамп треба да се обрати до јавноста од Белата куќа подоцна во текот на денот. Неговото обраќање ќе започне во 19 часот по средноевропско време.












